Овој крем за првпат го подготвив случајно, во недостаток на друг засладувач по дома, како што е медот и агаве сирупот. Имено сакав да направам крем со авокадо, во кој ќе бидат застапени јаткасти плодови, ама немав друг засладувач освен стевиолината. Се разбира дека имав шеќер ама не сакав него да го користам. И така ја направив вкусотијава и и го фатив редот во подготовка.
Направете си ја и вие и уживајте!

Подготовка
1. Авокадото го пресекуваме на половина, му ја отстрануваме семката, па го лупиме и го сечкаме на парчиња.
2. Индиските ореви ги мелеме во блендер, сечко или Нутрибулет.
3. Прво ја ставаме замената за шеќер-стевиолината со вода, блендираме во Нутрибулет додека да се соедини, па потоа ги додаваме останатите состојки. Блендираме до посакуваната густина, ако е потребно додаваме суви состојки или вода.

Забелешка
Прво ставам вода со стевиолината во блендер за да се растопи, а потоа ставам какао, авокадо и на крај оревите.
Можете да го направите и со други јатакасти плодови, со лешници, бадеми или микс. Сум пробала и најмногу ми се допаѓа комбинацијата на лешник, бадем и малку индиски орев. Можете да ги ставате сурови како јас што правам, а може и да ги потпечете малку. Така имаат поинаков шмек, кој децата повеќе го сакаат. Внимавајте да не ги препечете за да не горчи кремот.
Авокадото треба да е убаво созреано, а не зелено и цврсто, да биде меко, ама се разбира да не е премеко.
Стевиолината е замена за шеќер кој ја купувам од големите маркети или продавниците за здрава храна.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани