Домашен џелато сладолед од јагоди
Овој сладолед е најдобриот домашен сладолед кој го имам пробано, па и направено. Подобар е и од многу сладоледи кои се продаваат под името сладолед од јагоди. Водушевена сум од вкусот и текстурата, а се прави за многу брзо време. Во оригиналниот рецепт кој беше италијански, се ставаше 1 лажица нишесте и 1 пакетче ванилин шеќер, ама јас ставив прашок за пудинг кој секако во составот содржи голем процент на нишесте, а сепак има арома на ванила. Гледајте да користите млеко со висока масленост, колку поголема масленоста, толку подобар резултат.
Подготовка
Измешајте ги шеќерот и прашокот од пудингот во тенџере, додадете го млекото и неутралната павлака, ставете ги на рингла да се загреваат и почнете да миксирате со миксер, загревајте додека не почнат да вријат, а вие цело време матете со миксерот на средна брзина. Оставете ја течноста да вари неколку минути додека не почне да се згуснува по малку и да прави меури. Значи не треба да биде густа туку да се згуснува.
Веднаш ставете го целото тенџере да се лади во вода, а за тоа време јагодите, медот и лимоновиот сок изблендирајте ги. Може и да ги исецкате на ситни парчиња по желба или дел блендирани дел иситнети на парчиња.
Откако ќе се подолади млечната мешавина, претурете ја во садот во кој ќе го чувате сладоледот (јас користев кутија од сладолед од 900 мл) и одозора во линии истурете ја мешавината од јагоди за да има контраст во боите (види слика).
Ставете ја кутијата во замрзнувач неколку часа.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови