Десерт во чаша со мандарини и чоколадо
Еден експеримент, кој излезе многу вкусен. Вреди да се проба. =)
1. Првиот чекор е најдосаден. Доколку имате добар соковник, исцедете ги мандарините, а доколку имате како мојот, што го повеќе го „фрла“ сокот, отколку што го цеди, рачно отстранете ги лушпите и навлаките од мандарините. Добро би било да оставите и некои мали парченца, да не биде само сок.
2. Растворете го густинот со малку млеко, а останатото млеко со шеќерот оставете го да зовие на рингла. Откако ќе зоврие, додадете го густинот и мешајте додека смесата не се згусне како пудинг. Покријте го со крпа и оставете го малку барем да се излади.
3. За тоа време подгответе го преливот. На пареа растопете го чоколадото, додадете го млекото, па румот.
4. Во сад за матење ставете го густинот, јогуртот и мандарините. Измиксирајте колку да се соедини смесата.
5. Редете во чаши по кој сакате редослед. По желба ставете афион и уживајте.
Јас во случајов наместо јогурт, растворив кисело млеко. Можете и да ставите повеќе, доколку сакате да биде потечно. Можете да ставите и пудинг наместо густин. Доколку имате повеќе време, исчистете повеќе мандарини, во секој случај не можете да утнете. Една идеја плус, можете да ставите пудинг од банани, со парчиња банани и во преливот да додадете крем банани. Во секој случај изборот е ваш. =)
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови