Овој пинџур стои запишан во нотесот како бугарски затоа што токму таму го запишав рецептот кога бев во посета на едно семејство и тој ден го спремаше, ми се допадна и наназад многу години секое лето го спремам бидејки е одличен прилог за риба, а ништо помалку и да се послужува и како салата, и мислам дека би требало да носи име РОПОТАМО затоа што сите состојки одоговараат на Ропотамо салатата...

ПРИПРЕМА
1. Испечените, излупени и од семето исчистени пиперки се сецкаат ситно или се мелат на машина.
2. Сварете го гравчето и исцедете.
3. Морковите исчистени исецкајте ги на кругчиња.
5. Доматите излупете ги и сомелете ги на машинка или исецкајте ситно.
6. Киселите краставички-корнишонот, исечете ги на кругчиња.
7. Сварениот грашок исцедете го.
Се става зејтинот во садот во кој ќе го спремате пинџурот и се става најпрвин морковот и се пржи 30 мин, се додава во него пиперот, па сето заедно се прижи уште 15 мин. Со решеткаста лажица извадете и ставете во друг сад. Во истиот овој зејтин сега ставете го доматот и варете го 30 мин. - нели тоа зависи и од јачината на огнот, но се вари доматот се додека не добиете густа кашест смеса. Сега вратете ги морковот и пиперот кој сте го тргнале настрана, додајте варениот грашок, грав и краставичките, лесно само промешајте да се сето ова соедини и тргнете веднаш од огнот.
Во спремените тегли полнете додега е врело, затворете и теглите веднаш ги ставате во веке спремана кутија или пак друго нешто, завиткајте ги добро и така стојат додека се оладат.

ЗАБЕЛЕШКА
Ова погоре напишано е оригиналниот рецепт. Јас малку го изменам- многу го сакам вкусот на карамелизираниот шеќер, поради тоа прво го карамелизирам шеќерот, додадам зејтинот и оцетот, но притоа треба да се внимава да не прегориме, на тивок оган ова се работи, па кога се истопи сето ова додадам морковот да се пржи и понатаму иста постапката како што е погоре напишано. Ги ставам теглите наопачки обрнати во кутија во која сум веке ставила старо ќебе, завиткам добро и тие скоро два дена сеуште топли и добро се затвориле. Сепак заради секоја сигурност, вие можете да ги ставите во сад со вода и нека вријат се додека не се затвори добро капакот на теглата.
Минатата година се осмелив да додадам и маринирани печурки... резултат одличен.
Па нека ви е слатко!
Од оваа доза излегуваат 12 тегли за кои по обичај си велиме дека се од 1 кгр. и е доволна за едно поголемо семејство. Можете да ја правите и на половина доза.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани