Брз лиснат чоколаден ролат
Без печење на пандишпани и спремање на филови, побрз десерт досега немам направено, единственото нешто што е недостаток е чекањето кое е потребно, за да отстои во фрижидер.
Подготовка
1. Лиснатото тесто (претходно одмрзнато) на набрашнета работна маса или врз мрсна хартија, го расукуваме на димензии 30х30. Кај мене лиснатото тесто веќе беше во ширина со димензии 30 цм, па затоа го расукав само во должина до 30 цм. Сега со помош на линијар го сечеме на 15 ленти, од по 2 цм.
2. Во плех ги редиме лентите и ги ставаме да се печат го загреана рерна, на 220 степени (околу 10-15 минути) до поруменување. Ги оставаме да изладат.
3. Потоа го спремаме филот. Во длабок сад ставаме 300 мл ладно млеко и смесата за фил, миксираме до згуснување. Додаваме шеќер во прав по желба и вкус. Додаваме и рум. Ја миксираме и слатката павлака, ја додаваме и соединуваме. Во посебен сад го миксираме путерот, па го додаваме кај филот, убаво соединуваме. Од овој фил на крај оставаме 2-3 лажици, настрана, кои ќе ни требаат за декорацијата на ролатот.
4. Сега на работната маса ставаме стреч фолија, која ја премачкуваме со дел од филот, во површина колку да се наредат 5 ленти, од лиснатото тесто, на мало растојание помеѓу (видете додатни слики). Ги редиме 5-те ленти, врз нив убаво премачкуваме со фил, во просторот помеѓу, редиме други 4 ленти, пак премачкуваме со фил, на крај ставаме 3 лиснати ленти, премачкуваме убаво, ја сечеме стреч фолијата и завиткуваме цврсто во ролат, кој на краевите убаво го стегнуваме.
5. Формираниот ролат задолжително треба да отстои во фрижидер (најдобро преку ноќ). Потоа го одвиткуваме од стреч фолијата, премачкуваме со филот што го тргнавме настрана и одозгоре наросуваме изронето лиснато тесто (од оние 3 парчиња кои ни останаа).
6. Со остар нож сечеме парчиња, кои ги послужуваме веднаш. Ролатот до наредно дегустирање го чуваме во фрижидер.
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани
https://moirecepti.mk/post/%D0%BA%D1%80%D0%B5%D0%BC%D0%B0%D1%81%D1%82-%D1%80%D0%BE%D0%BB%D0%B0%D1%82-%D1%81%D0%BE-%D0%BB%D0%B8%D1%81%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%BE-%D1%82%D0%B5%D1%81%D1%82%D0%BE