Брзи погачици со тиквичка
Овие меки и ровки погачици се варијација на познатите печива „Сконс“.
1. Тиквичката изрендајте заедно со лушпата, посолете ја малку и оставете ја да одмори 5-10 минути (внимателно со солта бидејќи и тестото има сол во својот состав). Потоа добро исцедете ја за да излезе целата течност која ќе ја пушти. Кашкавалот изрендајте го или исечкајте го на мали коцки. Измешајте го со исцедената тиквичка.
2. Путерот исечкајте го на мали коцки и помешајте го со брашното. Со прстите измешајте ги многу брзо за да не се стопли путерот. Треба да добиете ситни трошки.
3. Додадете ги прашокот за печиво и солта и измешајте ги со вилушка или нож, никако со рака. Додадете го пополека млекото и мешајте со алатката која сте ја одбрале. Кога смесата ќе стане покомпактна, истресете го тестото на побрашнета работната маса. Ова тесто не се маси како класичните теста, бидејќи погачиците ќе станат тврди. Евентуално измесете 2-3 пати со рака, ако мислите дека има потреба. Јас не го месев воопшто.
4. Тестото малку сплескајте го со рака или лесно со оклагија и распоредете ги тиквичките по површината, но не и на краевите. Преклопете го тестото. Расплескајте го уште еднаш и пак преклопете. Ова повторете го уште 2-3 пати. Внимавајте да не ви излезат тиквичките од тестото. Ако се лепи тестото посипувајте го со малку брашно.
5. Кога ќе завршите со преклопувањето расукајте го на околу 1-1,5 см дебелина. Со округол калап (малку побрашнет на краевите) сечете ги погачиците. Деловите кои ќе останат измеѓу круговите не ги премесувајте, туку само соберете ги, благо притиснете и пак сечете кругови. Мене ми излегоа 12 погачици со дијаметар околу 7,5-8 см.
6. Погачиците редете ги на побрашнета или обложена со хартија тава и ставете ги во загреана рерна на 180 степени. Готови се за околу 15 минути.
7. Извадете ги од тавата и оставете ги на решетка да се изладат. Послужете ги топли, а убави се и откако ќе се изладат.
Пријатен апетит!
Лиценца: Сите права се задржани
Prekrasni se kaj tebe.
Cestitki za RD. :))