Бели шпаргли во бел сос
Кај нас шпарглите во последните неколку години почнаа масивно да се одгледуваат, но некако луѓето не ги користат во исхраната сеуште и за жал нашите ги извезуваат. Ретко се начекуваат свежи, а во тегли често може да се најдат во поголемите снабдени супермаркети. Ги има зелени и бели и се многу здрави да се конзумираат. Јас начекав свежи бели, па еве една идеја како да ги подготвите.
Шпарглите убаво се мијат и се лупат (најлесно со лупалка за компири) се одостранува површинската лушпа убаво 2 до 3 пати се поминува со лупалката на истото место од крајот до заострениот врв на шпарглата за да не останат како конци на истата. Врвовите нема потреба да се лупат.
Вака исчистените шпаргли се ставаат во високо тенџере со вода да се варат цели или исечени на парчиња, околу 30 минути со малку сол и путер.
Во меѓувреме индијските ореви ставете ги во процесор или блендер и изблендирајте ги. Додадете ги претходно исечените на ситно сварени компири, додадете го млекото, лукот и маслиновото масло и убаво изблендирајте ги сите состојки за да добиете мазна кремаста смеса. Во тава ставете го путерот да се растопи и истурете ја целата смеса од блендерот. Оставете да се вари околу 5 минути, додадете од течноста во која се вареа шпарглите, зачинете со зачин, бибер, сенф и сув магдонос. Оставете да се вари уште 5 минути и ставете ги во истата сварените шпаргли. Посолете по желба.
Вака подготвените шпаргли може да се послужат со месо, риба, печен или варен компир, ориз, тестенини и сл. Добар апетит!
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
Искрено и јас си го викам аспарагус, ама овде го именував на македонски. :)