Мојата опсесија има име, чизкејк од баклава!
Посебна приказна за овој чизкејк нема, можам само да кажам дека е едно од најдобрите работи кои ги имам пробано во животот. Минатата година правев торта во која ставив баклава, а оваа година се роди и овој чизкејк. Кој ќе проба, ќе се увери во уникатниот вкус на овој десерт!

- Сируп
Сите наведени состојки за сирупот се загреваат до вриење и се варат 3 минути. Сирупот се остава да се олади на собна температура.
- Кора
Се миксира омекнатиот путер околу 2 минути, се додава медот и се продолжува со миксирање уште 1 минута, постепено миксирајќи се додава брашното. Во смесата се вмешуваат оревите.
Тестото се префрла во округла тава за печење број 21цм, обложена со хартија и се распоредува на дното и по страните. Потребно е страните да се целосно покриени со тесто. Тавата со тестото се става во замрзнувач.
- Баклава
За баклавата може да користите купени или домашни кори. Јас користев домашни (за мене баклава со домашни кори е права баклава ) изборот е на вас.
Потребно е да се измери дијаметарот на внатрешноста на тавата откако ќе се наполни со тесто, за да можат според тоа да се исечат корите, бидејќи баклавата ја ставаме над смесата од чизкејкот.
Земаме 4 кори, од секоја од нив сечеме круг според потребниот дијаметар. Секоја кора ја премачкуваме со растопен путер а над четвртата ставаме по 2 лажици од мелените ореви измешани со циметот, постапката се повторува уште 4 пати, редејќи ги корите една над друга. На последната група кори не ставаме ореви. Баклавата ја ставаме во замрзнувач 30 минути. Со остар нож површно, не до крај ја сечиме баклавата на 8 дела. Ја оставаме во замрзнувач.
- Чизкејк
Рерната ја загреваме на 175 степени.
Во сад го миксираме крем сирењето заедно со медот околу 2 минути. Ја додаваме киселата павлака и јајцата, се заедно соединуваме. Додаваме зрна од ванила или арома, додаваме и цимет.
Смесата ја истураме врз подготвеното тесто, ја вадиме баклавата од замрзнувач и ја ставаме внимателно врз сирната смеса. Веднаш пренесуваме во рерна и печеме 60 - 80 минути. По потреба чизкејкот се покрива со алуминиумска фолија, доколку брзо затемнува.
- По печењето се остава да одмори 5 минути а потоа полека се истура приготвениот сируп врз баклавата. Внимаваме да не истече по страните.
- Чизкејкот се остава да се олади на собна температура, а потоа се префрла во фрижидер да се стегни најмалку 6 часа.
- Се декорира со мелени фстаци.

На здравје..

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови