Баклава Сарагли со Игла (Посно)
Ова е другата баклава од типот „Сарагли„ што ја приготвив по повод нашата куќна слава Свети Ѓорѓија. Како и другата Сарагли...и оваа освојува со нејзиниот изглед и вкус. Некои ја нарекуваат и грклан-баклава. Топло ви ги препорачувам и двете.
Подготовка на шербетот -
Започнуваме со подготовка на шербетот, кој треба да биде изладен пред да ја полееме баклавата. Во тенџере на оган ги ставаме водата, шеќерот и медот, откако ќе зовријат-нека вријат 5 минути, па го додаваме лимоновиот сок, и оставаме уште 5 минути да врие. Го тргаме на страна и го оставаме да се излади ( на собна температура )
Подготовка на баклавата -
Потребни се вкупно 500гр кори, за секое ролатче ни се потребни 2 кори.
Фил - 250гр ореви (мелени-сецкани не, бидејќи може да се скинат корите кога се насобираат) и 10-на бисквити (посни)-мелени....плус околу 200гр маргарин (стопен) за премачкување.
Ја ставаме едната кора (од тесната страна), премачкуваме насекаде од растопениот маргарин, ја ставаме втората кора 2-3 прста подоле, премачкуваме со маргаринот и ставаме насекаде од филот...освен горе кај оставените 2-3 прста..таму ќе се залепи ролатчето. Ја ставаме иглата малку подоле од средината, преклопуваме врз неа, и виткаме ролат (не стегнато) и со помош на рацете го насобираме ролатот кон средината. Редиме во намрсено тавче со маргарин...постапката е иста со сите останати кори. Ги премачкуваме одозгора ролатчињата со стопен маргарин и сечеме на парчиња - јас на 4.
- Печеме на 170 степени - 40 минути, па намалуваме на 150 степени - печеме уште околу 30-40 минути (по желба)
-Нека остине 5 мин, па ја полеваме со изладениот шербет.<
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани