Ситни колачи брзи за подготовка, количински ги има, а за вкусот нема да расправам бидејќи самото име кажува.
Црниот дел е ептен соодветно искомбиниран со пикантниот вкус на чилито, па просто вкусовите се соединуваат и задоволството е неминовно. Сепак интензитетот на пикантниот вкус, може сами да си го дозирате со саканата количина на чили во прав.

Најпрвин го правев црниот дел кој отпосле на колачите им даде изглед на црна глазура.
1. На пареа се топи црното чоколадо и црниот еурокрем, се додаваат сечканите несолени печени кикирики и чилито во прав. Се изедначува убаво мешајќи со силиконска шпатула и со мала лажичка до половина се полнат формите од силиконскиот калап. Калапите се ставаат во ладилник да се здрви смесата.
2. Истата постапка се прави со белото чоколадо, белиот еурокрем и вторите 250 гр. не солени печени кикирики, па со белата смеса се дополнуваат калапите и пак се ставаат во ладилник.
3. Штом убаво се здрват, црно-белите колачи се вадат од силиконските калапи и се вкусуваат.

Забелешка
По желба може да се калкулира со количината на состојките т.е да се преполови, а вака излегуваат доста парчиња. Не мора да се користат силиконски калапи иако мене така ми е полесно. Може да се користат лимени калапи со форма што ја имате, кои ќе ги обложите со фолија за да може да ја извадите здрвената смеса и потоа да си сечите парчиња.
Може да се користи само едниот или само другиот вид еурокрем, значи имате можност за изведби по желба и вкус. Битно вкусот е одличен, посебно за љубителите на кикириките, а пикантниот вкус на црниот дел вреди да се проба.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани