Палачинките
- Пригответе го тестото од сите наведени состојки за палачинките и оставете го да одстои 30 мин. во фрижидер. Тавката во која ќе ги печете намрснете ја со малку путер, ставајте по малку од смесата распоредувајки го на дното за да добиете тенки палачинки. Штом палачинката ќе почне да добива боја превртете ја и печете околу 1 минутка за да добиете светла палачинка.

Сос Сузане или Сузете
- Во поширока тава ставете го шеќерот на тивок оган за да се стопи и кога ќе пожолти сосема малку (не треба да го прегорите), додадете го путерот. Кога ќе се растопи веднаш ќе го додадете сокот од портокалите и лимонот, ренданата кора од истите, додадете и половина од ликерот. Оставете да проврие и дозволете да стане густ како сируп, но не како шербет. Одделете од него во друг сад повеќе од половината, а оставете во тавката дел од него. Од одделениот сос ставете во плиток тањир, секоја палачинка потопете ја во него од двете страни, предиплете ги за да добиете триаголник, ставете во тавката. Се’ така онолку палачинки колку што ќе собере тавката или пак едноставно потопувајте ги во самата тавка - формирајте во триаголник, додавате другата палачинка и истото го правите се додека се наполни тавката. Вратете ја на потивок оган и полијте со остатокот од сосот и нека се крчкаат во него. Кога ќе забележите дека сосот веќе ќе почне да се карамелизира (значи не смеете дозволите да дојде во таа состојба), залијте со остатокот од ликерот и додадете коњакот... фламбирајте ги - запалете и сочекајте да се изгаси. Послужете на тањир залевајки ги со сирупот,а доколку сакате можете да ги послужите и со сладолед од ванила.

Овој рецепт за тенки палачинки во сос од карамелизиран шеќер со сок од портокал се приготвувани од готвач по име Огист Ескофиер во чест на глумицата и бароницата Сузана Рајхенбер родена во втората половина на 19-ти век, а настапувала во театрите под надимак Сузетте - така и останале запаметени под нејзиното име.
Има и друга приказна врзана за овој рецепт - сепак приготвувани за некоја извесна Сузетте и дека наводно по грешка готвачот кога ги залил со ликерот случајно му се запалил. Немал време да ја исправа грешката бидејки десертот принцот Едвард со неговата придружба веке го чекале својот десерт. Се снашол и кажал дека е тоа нов десерт специјално за гости од повисок ранг - Палачинки за принцеза, на принцот му допаднал вкусот и предложил да го носи името на Сузетте. Лесно да се заклучи дека така настанало и фламбирањето - случајно.
НАПОМЕНА
- Палачинките можете да си ги спремате по вашиот омилен рецепт.. сметам дека тука улогата е единствено во сосот и фламбирањето.
- За деца ако спремате изоставете го алкохолот и направете го состо без него, натаму постапката иста.. одлични се.
- Јас ги печам на плин и затоа сосема е лесно да се фламбира - само наклонете ја малку тавката да зафати малку од пламенот и алкохолот веднаш се пали, а кога ќе согори - истиот се гаси.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани