Портокал
Хранливи вредности на портокалот:
Вкусниот и сочен портокал содржи импресивна листа на есенцијални хранливи материи, витамини и минерали, кои се неопходни за нормалниот раст и развој и општата благосостојба.
Ботанички, портокалот е цитрусно овошје кое припаѓа на фамилијата rutaceae од родот citrus (во кој спаѓаат и: помело, мандарина и грејпфрут). Научното име на портокалот е citrus sinensis.
Портокалот е тропско до суптропско, мало, зелено дрво кое расте во височина од 5 до 8 метри и секоја година раѓа плодови кои имаат дијаметар од приближно 8 сантиметри и тежат од 100 до 150 грама. Портокалите се класифицирани во две категории: благи и горчливи. Благите портокали се најбарани низ целиот свет. Популарни сорти од благиот портокал се: Валенсија, „Папок“, Персиски и црвен портокал.
Овошјата кои спаѓаат во цитрусната група се опишуваат како „хесперидиум“ (хесперидиум е научен термин кој ја објаснува структурата на овошјето од цитрусната група). Всушност, овие овошја се модифицирани дудинки со цврста и дебела лушпа. Лушпата од портокал содржи голем број нестабилни маслени жлезди во дупчињата. Внатрешно, месото е составено од сегменти наречени карпели, кои се составени од голем број везикули полни со сок, кои всушност се специјализирани влакнести клетки.
Здравствени придобивки од портокалот:
- Портокалите изобилуваат со најразновидни хранливи материи. Ова овошје има ниска калорична вредност, не содржи заситени масти или холестерол, но е богато со растителни влакна, пектин, кои се исклучително корисни за луѓето со зголемена телесна тежина. Пектинот служи како физички лаксатив и на тој начин помага во заштитата на слузокожата од дебелото црево преку намалување на времето на изложеност на токсични материи, како и преку сврзувањето со канцерогените материи во дебелото црево. Пектинот исто така го намалува нивото на холестерол во крвта преку намалување на реапсорпцијата на жолчната киселина во дебелото црево.
- Портокалот, како и другите цитрусни овошја, е одличен извор на витамин Ц (обезбедува околу 60 проценти од днвено препорачаната доза). Витаминот Ц е моќен антиоксиданс. Конзумирањето храна богата со витамин Ц му помага на телото да развие отпорност на инфективните агенси, а исто така и ги собира штетните, воспалителни слободни радикали од крвта.
- Портокалите содржат повеќе видови фитохемикалии. Хесперетин и нарингенин се флавоноиди кои можат да се најдат во цитрусните овошја. Нарингенинот има биоактивни ефекти на човечкото здравје, како антиоксиданс, собирач на слободните радикали; има антивоспалителни својства и служи како системски модулатор на имунолошкиот систем. Се покажало дека оваа супстанца ги намалува повредите настанати како последица на оксидација на ДНК во клетките, во ин-витро студиите.
- Портокалите исто така содржат мала количина витамин А, како и други флавоноидни антиоксиданси, како што се: бета-каротините, бета-криптоксантин, зеаксантин и лутеин. Утврдено е дека сите овие соединенија имаат антиоксидантски својства. Витаминот А исто така е потребен за одржување на здравјето на слузокожата и кожата и е клучен за добриот вид. Конзумирањето на овошје природно богато со флавоноиди му помага на телото во заштитата од рак на белите дробови и усната празнина.
- Портокалите се и добар извор на витамини од Б-комплексот, како што се: тиамин, пиридоксин и фолати. Овие витамини се есенцијални, во таа смисла што телото мора да ги добие од надворешни извори за да ги надополни залихите.
- Портокалите содржат и здрава количина на минерали, како што се: калиум и калциум. Калиумот е важна состојка на клеточните и телесните течности и помага во регулацијата на работата на срцето и крвниот.
Цитрусните овошја, како такви, одамна се сметаат за исклучително вредни поради нивните изразени хранливи и антиоксидантски својства. Научно е докажано дека цитрусното овошје, особено портокалите, поради богатството на витамини и минерали, имаат позитивно влијание врз здравјето. Дополнително, сега започнуваат да се ценат и другите, биолошки активни, нехранливи материи присутни во цитрусните овошја, како што се фито-хемиските антиоксиданси, растворливите и нерастворливите растителни влакна, за кои е докажано дека го намалуваат ризикот од појава на рак, голем број хронични болести, како артритис, а го намалуваат и ризикот од заболување на срцевите артерии и прекумерна телесна тежина.
Избор и складирање:
Сезоната на портокалот трае од октомври до февруари. Зрелите плодови обично се берат механички од дрвото, поради што често се случува да има површински оштетувања. Таквите мали оштетувања на лушпата од овошјето најчесто немаат никакво влијание на квалитетот на овошјето.
Во продавниците, купувајте свежи плодови кои се цврсти, но малку попуштаат под нежен притисок, но и веднаш си ја повраќаат формата откако ќе ги отпуштите.
Свежите портокали имаат свежа боја, немаат набори на лушпата, треба да бидат тешки за својата големина и да оддаваат блага арома. Избегнувајте ги премногу меките плодови со темни точки или мувлија, затоа што кај нив веќе е започнат процесот на скапување и бргу ќе се расипат.
Портокалите можат да се чуваат на собна температура до една недела, а во одделот за овошје и зеленчук во фрижидерот можат да останат свежи и до две недели. Кога ги редите во садот за овошје оставете простор помеѓу плодовите и ставете ги на студено, на место каде што нема претерана влага, за да избегнете брзо мувлосување. Свежо исцедениот сок од портокал може да се складира во замрзнувач, за понатамошна употреба. Сувата кора од портокал се складира на студено и суво место, во херметички затворен сад без влага.
Употреба во кујната:
Портокалите можат да се носат секаде, без многу мака. Свежите портокали можат да се јадат во секое време, на секое место. Едноставно измијте ги со вода од чешма, за да ги отстраните евентуалните остатоци од прав и пестицид, излупете ја лушпата и уживајте во плодот!
Лупете ги портокалите со прсти или пак со нож. Отстранете ја тенката бела мембрана од месото, како и влакненцата и семките. Најчесто портокалите се јадат на овој начин. Алтернативно, можете да го пресечете портокалот на две половини и да ја вадите содржината со лажица.
Свежиот сок од портокал е исто толку популарен колку и јадењето на целото овошје. Сепак, подобро е да јадете портокал отколку да пиете сок, за да извлечете максимум од антиоксидансите. Содржината на растителни влакна исто така значително се намалува при цедењето на сокот. Доколку сепак сакате сок, исцедете си сами наместо да купувате готови сокови, бидејќи тие најчесто содржат конзерванси, вештачки бои и многу шеќер. Пред цедењето, оставете го овошјето на собна температура, доколку претходно сте го чувале во фрижидер.
Најгорниот дел од лушпата, изреднан со ренде се користи во подготовката на голем број рецепти, најмногу заради богатиот вкус на маслените жлезди.
Совети за приготвување:
- Парчињата портокал се одличен додаток на секоја овошна салата, но и некои зелени салати.
- Свежиот сок од портокал е исклучително освежителен пијалак.
- Ова овошје исто така се користи и за приготвување десерти, џем и мармалад.
- Кората од портокал се користи во голем број рецепти, поради богатиот вкус.
- Сушени цветови и лисја од портокал се користат за приготвување растителен чај.
Здравствено предупредување:
На плантажите со портокали се користат многу пестициди. Поради тоа, се препорачува портокалите секогаш да се мијат со ладна вода од чешма пред употреба. Органски одгледуваните портокали не содржат вакви хемикалии и се најдобри, особено доколку Ви е потребна и кората за приготвување на некој рецепт.