Оваа торта ја пробав првпат како дете, а сега и јас си ја правам со повод (овој пат конкретно за слава, Ѓурѓовден).

Прво се прават две темни кори. За една кора се матат 4 јајца со 4 лажици шеќер додека не се триплира волуменот и да се добие пенаста смеса. Се додаваат 8 лажици мелени ореви, 2 лажици брашно и лажица какао. Се меша со лажица, не со миксер, да се добие изедначена смеса. Се пече во тавче бр.28, на 180 степени околу 10-15 минути (зависи од рерната).

Се прави уште една темна кора на истиот начин. Бидејќи немам тавче бр.28, јас ги изматив сите состојки за двете кори истовремено и смесата ја печев во плех од рерна, па го поделив пандишпанот на половина.

Белата кора се прави така што се матат 5 белки со 7 лажици шеќер, да се добие цврст снег или шам. Се додава џемот од кајсии (може и некој друг по избор) и убаво се меша. На хартија во истото тавче во кое се печеле темните кори се редат половинки јатки од ореви и одозгора се истура смесата од белки, поточно се размачкува рамномерно. Се пече во загреана рерна на 175 степени околу еден час.
Јас тука малку импровизирав, плехот од рерна го делев на половина за да добијам кора со иста величина како темните кори.

Додека корите се ладат, се приготвува филот. Се мешаат 8 жолчки со малку млеко и 5 лажици шеќер и 5 лажици густин, а останатото млеко со ванилиниот шеќер се става на оган да зоврие. Постапката е иста како за пудинг од ќесичка, но во случајов правиме крем од жолчки. Кога ќе почне да врие млекото, малку се додава во жолчките со постојано мешање (да се навикнат на температурата) и потоа целата смеса се истура во садот во кој врие млекото. Постојано се меша да се добие убав густ крем како пудинг.

Кремот треба убаво да се излади, а за тоа време се мати 250г маргарин или несолен путер со 200г шеќер, да стане пенаст. Кога кремот од жолчки ќе се излади, се меша со изматениот маргарин да се добие хомогена смеса. Ако е малку течна, слободно може да се стави во фрижидер да се стврдне, ќе биде полесно за филување на корите.

Прво се зема една темна кора, се прска со сок од портокал и се премачкува со филот. Се става белата кора, се прска со сокот, се става фил и на крај се става другата темна кора. Повторно се прска со сок од портокал и се премачкува со остатокот од филот.

Од страна се лепат мелените ореви, а одозгора се украсува со чоколадо.

Напомена
Може да се украси со шлаг од трите белки што останале изматени со шербет, ама бидејќи јас ја правев два дена претходно за убаво да се стегне, не направив шлаг, бидејќи не ми успева да стои на торта повеќе од еден ден. Тајната на траење на шлагот од белки се уште не сум ја открила.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови