Ја загреваме рерната на 180 степени и почнуваме до подготовка на бисквитот. Белките ги матиме на најсилна брзина и постепено го додаваме шеќерот. Кога ќе добиеме цврст шлаг, постепено додаваме од брашното и продолжуваме да матиме. На крај го додаваме зејтинот, пецивото и ванилата. Вака подготвената смеса ја истураме во калап за печење и го ставаме бисквитот во загреана рерна, да се пече 25 минути.

Во меѓувреме најпрвин го подготвуваме филот од малини.
Ги ставаме во сад кој потоа ќе може да се загрее и со блендер ги пасираме. Јас сега немав блендер, па тоа го направив со алатката за пасирање компири и супер излезе. Од кога ќе се испасираат убаво им го додаваме шеќерот и густинот, па ги ставаме на шпорет да провријат. Треба тоа да се прави на умерена температура и со постојано мешање за да не загори. Не е потребно многу вриење зошто филот кога ќе се излади и повеќе се згуснува. Го тргаме настрана за да има време да се лади.

Во друго тенџере на оган го ставаме млекото ( околу 250 мл. ) да зоврие. Во сад настрана го ставаме остатокот од млекото, жолчките, шеќерот, прашокот за пудинг, густинот и ванилата ( или ако сакате арома од ванила). Кога ќе измешаме добро и млекото ќе е зовриено, ја истураме смесата и постојано мешаме. Го тргаме и овој сад настрана да се лади. Кога ќе биде доволно изладен го ставаме маргаринот кој треба да е на собна температура и со мискер ги матиме заедно. Кога ќе почне филот да добива мазна структура ја истураме и слатката павлака и продолжуваме да матиме. Павлаката можете и посебно да ја изматите, но нема потреба истиот ефект се добива. Во овој фил ако сакате можете плус арома на ванила да додадете.

Кога се ќе биде доволно изладено, нежно го сечиме бисквитот за да добиеме два дела. Врз првиот дел го ставаме филот од малини и оставаме малку во замрзнувач да се стегне, па потоа го ставаме филот од ванила. Го ставаме другиот дел од бисквитот, па останатиот дел од малините, замрзнуваме малку пак и останатиот фил од ванила на крај.
Јас бев малку нетрпелива и филот од малини не се имаше стегнато доволно, па затоа и се намачив да го ставам вториот фил.

Тортата е преубава и наредниот ден, а исто толку е убава и ако е полузмрзната.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови