Многу често им ја подготвувам оваа одлична закуска на моите дечиња, секако и за нас, поточно од кога за првпат пред неколку години пробаа Торнадо компир на еден панаѓур. Таму го правеа на специјална машина за правење на спирален компир, меѓутоа може лесно и брзо да се подготви и во домашни услови. Се што ви е потребно освен компири, се стапчиња за ражничиња и зачини по вкус.

Подготовката е едноставна, најпрво убаво ги миеме и лупиме компирите ( освен кога ги правам со млади компири, тогаш не ги лупам, само ги мијам и убаво ги бришам со крпа ), потоа ги буцкаме компирите на стапчињата за ражничиња и со остар нож го засекуваме компирот од почетокот до крајот со мало закосување (под агол) на ножот. Потоа го рашируваме компирот, премачкуваме со помош на силиконска четка со зејтин, посолуваме и ставаме зачини по вкус. Ги редиме врз хартија за печење и ги печеме на 200 степени-20 минути, па ги превртуваме од другата страна и намалуваме на 180 степени (допекуваме додека да биде готов компирот).

Торнадо-компирите се одлична закуска која ќе ве воодушеви со својот вкус и изглед, вас и луѓето за кои би ги спремиле. Се надевам дека ќе ви се допаднат и со задоволство ќе ги припремите и дегустирате.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови