Тестенини со зеленчук
Веќе констатиравме од мусаката дека со месото сум скарана, едноставно почнав се поретко да спремам и супер замена ми се печурките. Буковка и шампињони, мојата добитна комбинација.
Во тенџере за тестенини ставам вода да зоврие и за тоа време го пржам зеленчукот, печурките исецкани на лентички, брокулата и карфиолот на цветчиња и краставичките и морковот на полукругови, кромидот и лукот на тенки најтенки листови на цел свет, да не доаѓаат многу до израз. Зеленчукот го пржам на маслиново и додавам една коцка путер, но секогаш на многу силен оган за да не пуштат вода. Со оглед на тоа што зеленчукот и печурките не се обарувани се пржи малце подолго. Откако ќе бидат сварени тестенините точно колку што пишува на кесичката се трга на страна тенџерето и се цеди но не целосно. Пред да се спојат тестенините со зеленчукот се посипува со зачините и со брашното и се меша да се соедини. Потоа се додаваат тестенините и многу малку од водата и се остава да се соедини се и да испари водата. Од брашното сосовите и зачините ќе се залепат за тестенините, а зеленчукот не го менува вкусот. За мене ова е еден од најубавите начини на спремање на тестенини со зеленчук.
Понекогаш кога сакам малку посочна варијанта на тестенини додавам малку павлака за готвење или обична кисела павлака, во тој случај имам тестенини со сос, но со оглед на тоа што се трудам да не мешам намирници вака ми е најубаво. Јас се одлучив за макарони, но користам било какви тестенини за овој рецепт на спремање, таљатели, макарони, шпагети, шпагетони.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови