Ретко добивам прилика да зготвам нешто вака специфично и необично и затоа ги третирам ваквите моменти со посебно внимание и ги сметам за предизвик.
Рецептов настана како комбинација од работи приучени од готвачите и рецептите на интернет и мојот вечен порив за експериментирање во кујната. Лоши критики не добив, тавчето се испразни за час, па така решив да го споделам...

Подготовка:

1. Месото од дива свиња, сечено на поголеми парчиња, го миеме, го посолуваме и секое парче убаво го мачкаме со сенф. Ги редиме во подлабок сад или тенџере. Убаво забиберуваме, ставаме 7 - 8 ливчиња ловоров лист и лук. Лукот треба да биде во поголема количина, 1-2 главици зависно од нивната големина, разделени на чешниња, пресечени на половинки или само засечени по должина, колку убаво да пуштат од вкусот. Посипуваме со црвено вино (по можност некое со малку сладеникав вкус). Најгоре наросете морско оревче, цимет и мелено каранфилче, па додадете 3-4 лажички вински оцет (ако имате домашен уште подобро). Поклопете со капак или затворете со алуминиумска фолија и оставете да стои така преку ноќ (убаво би било да стои повеќе од 12 часа).

2. Следниот ден планирајте да имате околу 3-4 часа за печењето. Може да печете во тава пекач или во обична тава покриено со фолија. Најпрво, парче по парче, вадете ги и малку исцедете ги парчињата месо од маринадата, па на даска исецкајте ги на помали коцки по ваш мерак и наредете ги во тавчето каде што ќе се печат.

3. Исецкајте 3-4 помали главици кромид на четвртинки или 2 поголеми на осминки и расфрлете ги по тавата. Излупете два поголеми моркови и исецкајте на дебели кругови, па исто така расфрлете ги во тавчето. На крај исецкајте крупни коцкички сланина (јас ставив околу 150-200 грама) и тие расфрлете ги низ тавата. Од маринадата задржете ги само ловоровите листови кои ќе ги оставите во тавата додека трае печењето и може сите или дел од лукчињата. Останатото, не го користиме.

4. Откако тавчето е „наредено“ зачинете по вкус - јас ставив оригано, кориандер, босилек, малку куркума, малку каранфилче, покрупно мелен шарен бибер (зелен, бел, црвен, црн), тарагон, мајчина душичка, мајоран..се надевам не заборавив нешто во листава. Имајте на ум дека ваквиот тип месо бара посилни вкусови на зачини, така што може да се „опуштите“ со изборот, а до некаде и со количината. Одозгора налејте околу 200-250 мл. телешки бујон и сосем малку масло (по потреба). Најпосле затворете со капак* или фолија и ставете во загреана рерна да се пече на околу 170 степени.

5. Пред служење оставете малку да „одмори“ и да се подизлади во покриениот сад, каде што се печеше – барем околу 20-тина минути. Служете со нешто лесно и не премногу зачинето како на пример печен компир. Уживајте во богатството од вкусови! На здравје!

 

*Забелешка - Јас го отворив само еднаш, после околу еден час печење, го промешав и повторно го покрив, па печев уште два часа на истата температура – течност имаше доволно за целиот процес на печењето бидејќи воопшто не го печев непокриено. Зависно од самото месо или од парчето кое го имате, можеби вам ќе ви биде потребно подолго време или да додадете уште течност...Тоа ќе си процените сами. На крај треба да остане сосема малку течност во тавчето, а месото да не е пресушено туку убаво испечено и меко, кога ќе го боцнете со вилушка да не „дава отпор“, како да боцкате парче гума, туку фино да се двои или уште подобро да се распаѓа. Најмногу внимавајте да не го пресушите, затоа препорачувам воопшто да не печете без капак или фолија, за да може да си го задржи сосот во себе.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови