Си дојде сестра ми на гости кај мене, со едни убави, големки, а сепак млади тиквички кои ме испровоцираа да го направам овој рецепт.
Заради домашно растениве еколошки убавини што ми ги донесе Мацо, овој рецепт ти го посветувам тебе.

Подготовка
1. Тиквичката ја лупиме и ја сечеме на кругови со дебелина најмногу до 1 см. Јајцата ги матиме, а останатите состојки за пржење ги мешаме со брашното. Секоја тиквичка ја валкаме во јајца, па во смесата со брашно и ја пржиме на масло во загреано тавче. Ги оставаме испржените тиквички да се оладат.
2. Го рендаме сирењето на ситната страна од рендето и го мешаме со киселата павлака.
3. Доматот и мортаделата ги сечеме на тенки кругови.
4. Редиме круг тиквичка, фил, круг салама, фил, круг тиквичка, фил, круг домат, фил и завршуваме со тиквичка.
5. Целото тортиче го премачкуваме со фил и декорираме по желба.
Ја повторуваме постапката со останатите состојки.

Забелешка
Не морате да ја лупите тиквичката, може и не лупена да ја сечкате.
Тиквичката беше баш големка и од неа излегоа кругови со поголем дијаметар, така да уште кога ја видов ја добив идејава за овој рецепт.
Калкулирајте со сирењето и киселата павлака за да добиете совршен фил кој лесно ќе се размачкува, ќе е компактен, при што треба да користете павлака со поголем процент на масленост за да не пушти вода. Така тортичкиве може подолго време да стојат во фрижидер.
Можете да комбинирате со состојките, јас ви ја презентирав својата идеја, а вие можете да ја искомбинирате со ваша.
Кога ќе се спојат вкусовите прекрасен пресек се добива, кај мене не е личен баш зошто веднаш сечев една тортичка, ама затоа следните беа совршени.
Можете да си ги направите за појадок, за декоративна трпеза или некоја прослава, изборот е ваш.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани