Роденденска Чоко - Орео торта (2 во 1) за роденден на ќерка ми (28.02) а воедно и за мојот (29.02), годинава не е престапна, ама сепак си го славам заедно со ќерка ми. Декорацијата и вкусот се по желба на славеничката.

Изработка на пандишпан (вкупно 3)

1. Ги матиме белките со постепено додавање на шеќерот до потполно згуснување. Потоа ги додаваме останатите состојки претходно соединети, промешуваме полека со рачна маталка до хомогенизирање. Смесата се истура врз хартија за печење (во тавче со димензии околу 22х32) и печеме во загреана рерна на 180 степени (проверуваме со чачкалица).
2. Пандишпаните за оваа торта ги изработив на ист начин, освен едниот (тој во средина) кој пред да го ставам да се пече, врз хартијата за печење ставив 150 гр сецкани ореви (може и лешници), па врз нив смесата за пандишпан, и после печењето пандишпанот го превртуваме наопаку, и кај делот со сецкани ореви премачкуваме со 200-250 гр еурокрем.

3. Изработка на Орео фил - Во сад на тивок огин ја ставаме слатката павлака да се затопли (не смее да зоврие), па го додаваме чоколадото и мешаме до потполно растопување. Префрламе во друг сад, покриваме со стреч фолија и оставаме да се излади на собна температура, па во фрижидер (јас овој дел секогаш го правам претходниот ден). Потоа миксираме до добивање на кремаста структура, и тогаш додаваме 1 шлаг крем од ванила, директно од ќесичката и продолжуваме со миксирање уште 2-3 минути. На крај ги додаваме орео колачињата (кршени) - соединуваме. Се дели на два дела.

4. Изработка на чоколаден фил - Жолчките ги матиме заедно со шеќерот до нивно згуснување (доколку немате доволно голем сад за овој фил да го направите наеднаш, направете го со преполовени состојки на двапати). Продолжуваме со матењето, ама овојпат на пареа (околу 15-20 минути) додека да се добие убава густа леплива смеса. Го додаваме чоколадото, мешаме да се стопи. Добиениот фил го префрламе во друг сад, покриваме со стреч фолија и оставаме да остине. Потоа соединуваме со претходно измиксиран путер (на собна температура). Најдобро е сега филот да отстои во фрижидер барем 1 час, да се стегне, па да се филува тортата. Овој фил се дели на три дела.

Редење на тортата - пандишпан, чоколаден фил, орео фил итн.
Декорираме по желба.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани