Полнето пилешко месо
Ова е викенд ручек кој го подготви вториот Чало (мојот сопруг) и мене многу ми се допадна и го препорачувам на сите.
Описот е малку подолг ама рецептот не е тежок за подготвување колку што е за објаснување. И се извинувам што немам дополнителни фотографии од процесот на подготовка зошто јас го видов само сервиран во чинија и само тоа го фотографирав.
1. Во тава со маслиново масло се пропржуваат ситно сецканиот кромид и праз. Се додаваат ситно сецканите печурки и ренданите моркови заедно со зачините, убаво се промешува и кога филот за полнење на месото ќе биде готов се трга од оган.
2. Кашкавалот се ренда и се трга настрана.
2. Секое парче стек се засекува со нож (но не целосно, треба да остане едно големо парче). Потоа се покрива со најлонска фолија и се поминува со сукало како кога се расукува кора.
3. Филот се распоредува во парчињата стек кои се вртат во ролни.
4. Секое парче стек се валка во брашно во кое сме ставиле оригано, па во јајце и на крај во лебни трошки со сусам.
5. Тавата за печење се обложува со хартија и се става околу 60 мл маслиново масло (или колку што е потребно за тавата целосно да биде покриена), потоа се става во рерна на 220 степени за убаво да се загрее маслото.
6. Кога веќе рерната е убаво загреана, се вади тавата и во неа се распоредуваат парчињата стек и се печат 35-45 минути. 10-тина минути пред пилешкото месо да биде готово врз него се става рендан кашкавал.
* Тавата треба да биде добро загреана за месото веднаш да почне да се готви и на тој начин се добива сочно и меко месо обложено со крцкава кора. Доколку се стави во ладно масло лебните трошки ќе се растопат во маслото и самата структура на ролните ќе се распадне.
Лиценца: Сите права се задржани