Највкусните полнети пиперки ми се со пиперка ајварка. Овој ручек е одамна подготвен, ама еве сега решив да го споделам со вас. Инаку задолжително секоја есен си ставам од пиперките во замрзнувач и си имаме преку цела година и за посни и за мрсни ручеци.

Подготовка
1. Го сечкаме ситно кромидот и го ставаме на масло да се пропржи додека да застакли во изгледот. Го додаваме меленото месо и го упржуваме.
2. Оризот го миеме и откако ќе се упржи месото го додаваме заедно со златната мешавина. Откако ќе се пропржи и соедини убаво зеленчукот и оризот додаваме зачини. Соединуваме и со смесата ги полниме пиперките
3. Пиперките исчистени од дршки и семки ги полниме со оваа смеса. Не ги преполнуваме оти при печењето ќе ни се зголеми зрното ориз, за да не пукаат пиперките. Ако ни остане од филот го распоредуваме околу пиперките. Секоја пиперка ја затвораме со кришка излупен компир.
4. Ги редиме во тава со капак, налеваме вода до околу половина од пиперките и ги ставаме во рерна да крчкаат. Околу 15 минути при крајот на печењето правиме запршка. На тава го ставаме брашното да се пече додека да ја испушти влагата и малку ја смени бојата. Додаваме масло, и додаваме црвен пипер. Кратко упржуваме и ја истураме врз пиперките и продолжуваме со печење до поцрвенување, без капак. Ако недостасува вода додаваме со запршката.