Полнети печурки со кус кус (посно)
Решив малку да експериментирам во поглед на посните јадења, а освен тоа ова ми беше начин да го протнам кус кусот во секојдневната исхрана, бидејќи не е омилен кај нас. Испадна преубав посен ручек.
Печурките се мијат убаво и им се вадат рачките.
Кромидот и лукот ситно се сецкаат и се динстаат во тава со малку вода.
Морковот се ренда или се сецка, па се додава во тавата кај кромидот, да се динста.
Во огноотпорен сад се редат печурките, а оние што ќе ви останат се сецкаат заедно со претходно извадените дршки и се додаваат во зеленчукот. Се динстаат на тивок оган.
Се зачинува по желба - јас ставив мешан зачин, свежо мелен црн бибер, неколку толчени зрна коријандер и малку оригано. Може да се стави и босилек, куркума, кари... изборот е ваш.
Кога ќе испари водата што ја пуштиле печурките, се додаваат претходно исецканите маслинки и кус кусот, па се пропржува уште малку.
Со смесата се полнат печурките, а остатокот се реди меѓу нив. Се додава и малку вода, па се пече во рерна на 200 степени околу половина час.
Пожелно е да се користат поголеми печурки, но и мали ќе завршат работа, само што повеќе смеса ќе има на дното на тавата. Кус кусот не се приготвува претходно, туку директно се става во смесата за полнење.
Може да искористите било каков зеленчук што го имате во моментот. Само ќе придонесе за вкус и разновидност.
За денови кога не се пости, може да се прелие со павлака и да се посипе со рендан кашкавал. Тоа ми е следно за проба.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
Ќе треба и јас да експериментирам со кус-кус, до сега немам подготвено.