Се обидов да спремам тесто како врвните пица мајстори. Како што гледав, тие користат многу малку квасец за тестото и секако, многу добро размесување, редослед и тактика на состојките. Како за прв пат, успеав, но не е совршено. Оваа пица е со висока кора и тенка во средината. Се полни умерено со состојките, не пренатрупано. Многу важен податок е премачкувањето за кое ќе објаснам во текот на постапката. Секако, да нагласам, ова брашно за пици има различна впивливост од брашната тип 400 кои најчесто ги користиме и е многу благодарно за работа. Затоа, соодносот со вода не е ист.

Подготовка

1. Брашното се трие со квасецот и шеќерот. Се додава вода и се меси убаво тестото. Потоа се додава солта и се меси да се распореди, па на крај маслото и се меси додека се впие во тестото.
2. Тестото се остава покриено да отстои најмалку 30 минѕти или повеќе, во топла просторија (мене ми требаше и саат време).

3.Откако ќе отстои тестото се дели на 2 дела и секој во средината се притиска со тупаница и се зема во раце, па се врти полека кружно, држејќи со прстите од тенкиот дел, не на рабовите. Тестото со ова брашно е многу еластично и буквално во воздух би можеле да ја оформите пицата. Доколку имате потреба да ја дооформите, на работната маса ставете пченкарно или оризово брашно, бидејќи овие брашна не лепат толку многу. Исто така посипете на дното на тавата во која ќе ја печите пицата. Препорачлива е онаа за пици со дупки.

4. Откако сте ја оформиле пицата, пазејќи рабовите да се подигнати, може да се филова. Користете густа доматна паста. Ако немате, тогаш исечкајте пелати од конзерва, со лукче, сол и зачини и пржете додека убаво згусти. Премачкајте со доматната паста врз тестото, но не на рабовите. Посипете со рендан пармезан, па наредете го беби спанаќот. Доколку немате беби спанаќ, обарете го и убаво истегајте го од течноста. Врз спанаќот, во круг, наредете тенки парчиња моцарела, а во средината скршете едно јајце. Посолете и наросете оригано или италијански зачини. Печете во загреана рерна на максимум 10-ина минути.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови