Пинџур со компири
Овој рецепт може да се направи во количина која ја сакате вие.
Нема посебни мерки, ама еве јас ќе пишам колку ставив јас.
Тоа не мора да значи дека и вие треба да ставите толку.
Само сакам да ја опишам постапката со која го приготвувам овој вид на пинџур, а ме инспирираше една посетитека на овој сајт која побара ваков вид на пинџур.
Во сад со вода на оган ги ставам да се варат компирите.
На електричната скара ги испеков пиперките и ги оставив во кеса малку да постојат додека се варат компирите.
(Малку беа пиперки, па се одлучив да не палам ќумбе за печење на пиперки. Ја искористив скарата )
Откако компирите ми беа варени, ги отстранувам лушпите и веднаш ги мелам со машинка за мелење.
Ист така и пиперките ги лупам и мелам и ги соединувам.
Во хомогената смеса додавам ситно сецкано лукче и сол по вкус.
На страна ставам зејтинче да зоврие и го полевам пинџурчето.
Промешувам ....и не можам да издржам да не лизнам некој прст ...
Мириса преубавко... и ве советувам да си земете повеќе лепче.
Заборавив да кажам дека можете и да ги испасирате компирите, а пиперките да ги исецкате. Јас го мелам затоа што моите деца не јадат сецкани пипеки, па морам да ги маскирам.....На здравје
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови