За да се направат убави крофни треба трпение и топла просторија. Ќе ви ги кажам моите забелешки во врска со месењето, киснењето и пржењето.
Во млекото ставете го квасецот, малку шеќер и брашно, промешајте го и оставете го да скисни.
Потоа додајте го јајцето, стопениот маргарин, шеќерот, ренданата кора од портокал и постепено брашното. Убаво измесете го тестото, изудирајте го десетина пати од работната маса, пак продолжете со месењето, на крајот треба да е меко, нелепливо.
Расучете кора со дебелина отприлика од 1 цм и со поголема чаша (тие со киснењето и пржењето се собираат) или како што правам јас со тегла исечете кругови.
Наредете ги круговите на чаршав, а одозгора прекријте ги со друг.
Остатоците од тестото пак премесете ги и повторете ја постапката.
Нека киснат така покриени петнаесетина минути, потоа превртете ги на другата страна и пак оставете ги да киснат.
Ставете доста масло во тенџере, јас ги пржам во тенџере со стаклен капак, да ги гледам, ама нормално, не мора да е таков. Маслото не треба да е многу жешко, од моите 12 степени на ринглата, загрева на 6 а кога ќе почнат да пржат намалувам на 5.
Секоја крофна ставете ја во маслото со горната страна. Ставете неколку крофни и покријте го тенџерето со капакот. Нека пржат така покриени петнаесетина секунди, па тргнете го капакот. Видете дали се доволно испржени па превртете ги. Продолжете со пржење без капак.
Пржените крофни наредете ги на хартија, да се исцеди вишокот маснотија, а на крајот испрпелајте ги во шеќер или наполнете ги со џем или чоколаден крем.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани