Овој ролат во кој преовладува вкусот на тиквата искомбиниран со вкусот на циметот, оревите и чоколадото, излезе одличен, необично вкусен, избендисан од моите деца кои вообичаено нешто баш не ја обожаваат тиквата.

~ Кора ~
1. Тиквата се чисти, се сечи на коцки, се вари со малку вода 15 минути, се цеди,
се прави пире и се лади.
2. Тавата во која ќе се пече ролатот (јас користев Интенсо Ростер тава) се намрсува со масло, се става хартија за печење, пак се намрсува со масло и се посипува со 3 лажици од сечканите ореви. Намрсувањето на тавата (која вообичаено нема потреба да се намрсува), е само за да не се измести хартијата за печење која понатаму ќе послужи за ролање на ролатот.
3. Јајцата пенасто се матат со шеќерот, се додаваат брашното со измешаното пециво и цимет. Се мати со миксерот на бавно, се става пирето од тиква и со дрвена лажица се изедначува. Смесата има прекрасна портокалова боја која се истура врз оревите во тавата, и се пече на 170 степени 15-20 минути.
4. Откако ќе се извади ролатот од рерна, се лади 5 минути и врз него се распоредува останатата количина од сечкани ореви. Друго парче хартија за печење се става врз ролатот, врз неа се става некоја тацна или даска со соодветна големина за да може да се преврти ролатот од другата страна, внимавајќи да не испаднат оревите. Со помош на хартијата се витка ролат и се остава да се излади.

~ Фил ~
1. Исечканата тиква се вари 15 минути и се прави пире по иста постапка како за кората.
2. Густинот се меша со шеќерот и малку млеко одземено од вкупната количина, се вари како пудинг и добро се лади. Употребив густин, а не некаков пудинг, за да може да дојде до израз вкусот на тиквата во филот.
Путерот/маргаринот се мати со прав шеќерот, се додава изладениот густин, се мати убаво, на крај се става изладеното пире од тиква и се мати до убаво изедначување.
3. Ролатот се одвиткува, се отстранува хартијата и се премачкува со филот. Со помош на другата хартија се завиткува ролат.
4. На пареа се топи чоколадото и маслото и со лажица се шари ролатот одозгора, се остава во фрижидер.

При консумирањето на ролатот, во тестото иако во мала количина, се чувствува преубавата арома на циметот, но истиот може по вкус да се стави и повеќе.
Исто така може да се додадат и ѓумбир во прав, каранфилче, мускантно оревче ...
Се надевам дека ќе ви се допадне овој мој несекојдневен ролат со тиква.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани