Нази Горенг е типично индонезиско јадење, но често се наоѓа и во кинеската кујна. Доколку оризот го замените со кинески нудли веќе сте подготвиле Бами Горенг. И двете се подеднакво вкусни, топло ви препорачувам да пробате.
Подготовка
Оризот ставете да се вари на умерена температура во посолена вода. Варете во тенџере без капак се додека оризот да ја впие цела вода. Тргнете на страна и оставете да се излади.
Месото исечкајте го на мали парчиња, посолете и ставете едно полно лажиче кари. Убаво измешајте за месото да ги впие зачините. Ставете да се пржи на врел зејтин додека да зарумени од сите страни. Тргнете на страна.
Зеленчукот исечкајте го, и тоа, кромидот и лукот ситно, пиперката и морковите на тенки ленти, младиот кромид во прстени а шампињоните на листови.
Во една вок тава ставете една лажица масло од сусам да се загрева. Ставете ги кромидот и лукот да се запржат. Откако ќе омекнат додадете ги шампињоните и пржете додека и тие да омекнат. Додадете ги морковите, пиперката и младиот кромид. Пржете некои 2-3 минути колку пиперката малку да омекне па додадете го сварениот грашак, промешајте.....ставете го сега оризот, и на крај прженото месо. Сето ова убаво промешајте го и пржете го некои 3 минути. На ред се зачините - ставете го соја сосот, карито, куркумата, ѓумбирот и самбал оелек. Посолете и побиберете по вкус. Се убаво промешајте, пржете уште една минута и готово. Јадењето ви е спремно.

Самбал Оелек е паста подготвена од чили пиперчиња. Затоа и велам дека доколку немате од оваа паста заменете со обично чили пиперче, а може и да го изоставите доколку не сте љубители на пикантни јадења. Наместо масло од сусам може да користите и масло од кикирики, му дава на јадењето посебна арома.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани