Месо со печурки со прелив од кашкавал и павлака
Овој рецепт не е ништо посебно и ново, но лично мој си е и редовно го правам, па би сакала да го споделам. Супер е тоа што може да се направи со било кое месо – свинско, телешко, пилешко. Само времето на готвење ќе биде различно. Јас овој пат го приготвив со свинско месо.
Подготовка:
1. Најпрво го сецкаме месото на коцки и го ставаме да се пропржи со малку масло (јас вообичаено користам маслиново) – колку да зарумени. Ги додаваме сецканите печурки и ги пропржуваме заедно со месото. Потоа додаваме вода или ако имате винце или пивце (со нив ќе добиете уште поубав шмек). Од тука натаму само си се готви.
2. Зависно што сакам да добијам како краен производ, имам два начина како продолжувам понатаму или го оставам во истото длабоко тавче да си се динста до крај или го ставам во пекач во рерна да се пече. При тоа додавам една полна лажица сенф, бибер, ловор и други зачини по вкус – босилек, чубрика, оригано, куркума, мајчина душица. Ќе му треба најмалку еден саат готвење. Времето на готвење може да биде и двојно подолго зависно од видот на месото (свинско, телешко, пилешко), а и од делот што сте го одбрале (плешка, бут, врат...). Јас секогаш го пробувам и додавам водичка сè додека не почне мевцето буквално да се распаѓа. Кога ќе остане сосема малку течност, може да го завршите на следниве два начина.
3. Ако го динстате, во една шолја разматете павлака со малку водичка и внатре измешајте една лажичка брашно. Исипете и промешајте. Почекајте да проврие две – три минутки и оставете го да прокрчка. Штом почне да згуснува, додадете му го претходно изренданиот кашкавал и промешајте само колку да се подрастопи и веднаш тргнете го од оган. На овој начин ќе добиете убаво издинстани мевца во светол, густ сос со печурки и кашкавал.
4. Ако пак го печете, помешајте во длабок сад павлака и рендан кашкавал и исипете го одозгора. Може да наросите малку крупно мелен бибер за лик и за вкус. Оставете да се запече и да фати малку коричка т.е. да зарумени. На овој начин ќе добиете тава со мевциња и печурки, а одозгора убаво запечена, вкусна коричка од кашкавал и павлака.
На здравје!
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
Мене ептен ми се наоѓа „за гости“ :)