Овој рецепт не е ништо посебно и ново, но лично мој си е па би сакала да го споделам. Добро е што може да помине со било кое месо – свинско, телешко, пилешко...Само времето на готвење ќе биде малку поразлично. Јас овој пат го приготвив со свинско месо.

Најпрво го сецкаме месото на коцки и го ставаме да се пропржи со малку масло (ако имате маслиново уште подобро) – колку да зарумени. Ги додаваме сецканите печурки и ги пропржуваме заедно со месото. Потоа додаваме вода или ако имате некое винце или пивце слободно додадете – шмекот ќе биде уште подобар. Од тука натаму помалку или повеќе само се готви. Јас од овој момент натаму го правам на два начина – или го оставам во истото длабоко тавче да си се динста или го ставам во тава/пекач во рерна да се пече. При тоа, додавам сенф една полна лажица, бибер, ловор и останатото се зачини по вкус – босилек, чубрика, оригано, куркума, кари, како вие ќе си го дотерате по ваш вкус. Солта оставете ја за крај зашто од сенфот и кашкавалот секако ќе добие соленикав вкус, па на крај само малку или воопшто нема да ви е потребна сол.

Потоа му треба најмалку еден саат готвење. Зависно од видот на месото и од делот што сте го одбрале (плешка, бут, врат...) времето на готвење може да биде и двојно подолго, јас секогаш пробувам и додавам водичка сè додека не почне да се распаѓа. Кога месото е убаво зготвено т.е. кога го боцкате со вилушка треба лесно да се двои/распаѓа и има останато сосема малку течност во која се готвело, може да го завршите на следниве два начина подолу.

1. Ако го динстате, во една шолја разматете павлака со малку водичка и внатре измешајте една лажичка брашно. Исипете и промешајте. Почекајте да проврие две – три минутки и оставете го да прокрчка. Штом почне да згуснува, додадете му го претходно изренданиот кашкавал и промешајте само колку да се подрастопи и веднаш тргнете го од оган. На крај треба да имате убаво издинстани мевца и печурки во светол, густичок сос со кашкавал.

2. Ако пак го печете, помешајте во длабок сад павлака и рендан кашкавал и исипете го одозгора. Може да наросите малку крупно мелен бибер за лик и за вкус. Оставете да се запече и да фати малку коричка т.е. да зарумени. На крај треба да добиете тава со мевциња и печурки, а одозгора убаво запечена и заруменета коричка на преливот.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови