Овие здрави медотаанови бомбици настанаа сосема случајно кога бев намерила да го измешам Медотаанот како и секогаш на регуларен начин и да го ставам во тегличка.
Ја имам таа среќа да поседувам природни пчелини „плодови“, се чисто и органско, па така медот знае често пати да биди густ, особено овој сега. Не зборувам за кристализиран мед. А пак, таанот не бев го смешала со неговото масло и со текот на стоењето и секако зависно од производителот се погоди солидно густ исто така. Па мешајќи ги заедно се доби една солидно густа смеса и како бев со намера овој Медотаан да го спремам со додатоци ми дојде идејата за бомбици наместо на лажиче.

1. Значи, најпрво се мешаат медот и таанот. Потоа се додава поленот и се остава кратко додека ги излемите јатките. Поленот можеби нема толку брзо да се стопи во смесата, но сепак добро е да му се дај малку време.

2. Потоа додадете го семето од коприва, измешајте, па додадете ги мелените јатки. На крај, кој има, додадете прополис и матичен мелеч. Млечот додадете го на самиот крај пред да оформувате, да не допира долго време на светлина, за да не ги губи неговите својства.

3. Мерките не се обавезни. Идејата е битна. Додадвајте состојки во однос на потребната густина, за да можите да оформите бомбица. Како кажав, соодносот на состојките пред се зависи од густината на медот и таанот, па ако има потреба додадете уште млаку мелен орев, бадем, лешник, што сакате.

4. На крај оформените бомбици извалкајте ги во грубо мелен бадем, ставете ги директно или во хартиени корпи, во темен сад со капак и чувајте ги во фрижидер доколку е топло времето, за да не ви се опуштат и омекнат. Вадете си по потреба и по желба, но ви препорачувам по една на гладно за добро утро и добро здравје.

Медовите производи сите знаеме колку се корисни, а додатоците овде уште и поволни за дишните патишта од таанот, за крвта од семето од копривата.
Бидете здрави со уживање!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани