Рецептов е комбинација од неколку рецепти кои ги пронајдов, па се надевам ќе ви се допадне.

1. Сувите состојки ги ставаме во еден сад и мешаме убаво. Во однос на овесното брашно, јас користев обични овесни снегулки кои треба само да ги сомелете. Лешниците може да бидат ситно сецкани или мелени по ваша желба.
2. За течниот дел, прво лененото семе ставете го во сад со 3 лажици вода или сок и оставете го неколку минути. Јагодите со вилушка испасирајте ги, но да не бидат како пире туку да има и покрупни парченца. Потоа во друг сад ставете ги јагодите, лененото семе и јаворовиот сируп (ако немате јаворов сируп може да користите мед или малтекс).
3. Потоа полека додадете ги сувите состојки во садот со јагодите и измешајте за да добиете компактна смеса. Ако смесата ви е многу густа додадете малку овошен сок, а ако е многу ретка додадете малку брашно.
4. Ставете во калап за мафини скоро наполнети до горе и ставете да се печат во загреана рерна. Кога ќе пораснат и добијат боја намалете ја рерната на 180С (ако има потреба може да ги покриете со алуминиумска фолија) и продолжете со печење. Им треба повеќе време, 40-45 мин во зависност од рерната.
Од оваа количина ми излегоа 13 мафини.

Неколку дополнителни работи.
Место јагоди може да користите и друго овошје. Доколку се користи банана ќе мора во тестото да додадете плус течност за да се прилагоди густината (овошен сок, млеко од соја или наједноставно малку вода).
Во модлата ставив хартиени корпи и морам да признаам дека мафините ми се залепија, но едно мало трикче ми помогна. Едно по едно ги потопив колачињата во сад со топла вода до висина на корпата 3-4 секунди (не се секирајте тестото не ја впива водата) и потоа трпеливо корпиците се одлепуваат.
Може да печете и како колач па кога ќе се излади да премачкате со мармалад и да служите.
Чашката е од 250мл.

Добар апетит.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани