Овој рецепт го добив од мојата комшивка баба Рада уште од кога почнав да се задомаќинувам. Пробував разни варијанти и начини на подготовки на малиџано, но без овај рецепт зимата кај нас не почнува. Секогаш го има на нашата полица. Единствено што сменив по препорака на нашата Лиле го карамелизирав шеќерот и ми се допадна.
Подготовка.
Пиперот на почеток го миете (јас и одма го бришам) потоа стапува на сцена мажот и се распалува ќумбето. Пиперките ги печам на среден огин (се зависи од дебелината на пиперот). Морам да напоменам пиперките не треба да се ќумурдисаат, но треба да бидат убаво испечени. Пиперот после печење го ставате во најлонска вреќа поубаво да се излупи.
Модриот патлиџан го печам исто така на ќумбе на тивко и пробувам со вилушка кога ќе омекне е готов.
На везениот пипер им ги одсекувам дршките сечам на половина и им го вадам семето. Вака стокмени ги печам на тивок огин.
Пиперот и модриот патлиџан се лупат и заедно со везените пиперки се мелат.
Целата смеса заедно со течноста која ја пуштаат пиперките ја ставам во шерпа и полека почнувам да загревам.
На почеток го додавам оцетот, потоа карамелизираниот шеќер оставам вака да поврие еден час.Потоа постепено додавам масло и сол. Оваа смеса ја варев на среден огин околу три часа.
Кога малиџаното е готово ја тргам шерпата на страна, додавам сенф и го собираме врело покривам со крпи и оставам до наредниот ден да се излади.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани