Лисната болоњезе пита
Една преубава пита, која мислам дека ќе биде постојано на нашата трпеза, но во поголеми количини.
Обично лиснатото тесто го спремам како кифли, но сега ми беше еден нов предизвик, па испадна преубаво.
Подготовка:
1. Лиснатото тесто го чувам во фрижидер се додека го спремам филот. Кромидот, лукчето и морковчето ги мелам во сецкото. Ги запржувам на тивко во загреано масло. Откако добро ќе се запржат, го додавам мешаното мелено месо, па пржам повторно на тивко. Зачинувам.
2. На страна, во друг сад, го разматувам сосот за болоњезе со 150 мл вода. Матам убаво со маталка да не оставам грутчиња, па го додавам во месото, во кацеролата. Промешувам и оставам многу кратко да покрчка.Тргам на страна.
3. На подлогата од стаклената тава, ја распослав едната лиснaта кора. Ја обликував полека со прстите околу тавата, да ја добие нејзината форма. Спремниот болоњезе фил, малку погуст од вообичаеното, го распослав во средишниот дел и полека го распоредив на секаде. Со другиот дел од лиснатата кора ја покрив површината, па со остатокот кој паѓаше од тавата, го превиткав на внатре како на сликите и формирав венче.
4. Со ножот полека исеков осминки, па ставив веднаш да се пече. Тавата како за лиснато тесто, однапред загреана оставив малку подолго да се пече, да зоврие убаво лиснатото тесто под филот. Откако е печена, ја извадив од рерна, па оставив да одмори малку. Со шпатула полека се вадат преубави лиснати парчиња.
Нека ви е на здравје. Кората е преубава. Пробајте ја.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови