Основни состојки на летната манџа се пиперките и доматите, а она што дополнително ќе го додадете е ваш избор. Јас обично додавам јајца и кромид, понекогаш и сирење, но поубаво ми е сирењето настрана да го додадам. Во оваа комбинација додадов неколку лажици ајвар, ајварот дава преубав шмек и едноличност на манџата, пробајте. Дури може и на лепче да си ја мачкате како намаз. Оваа количина е за еден многу гладен човек (во случајов тоа бев јас и цела ја изедов).

Подготовка:

1. Исечкајте ги зеленчуците на парчиња и ставете ги заедно да се запржат додека не омекнат. Лукот додадете го на крајот зашто брзо гори. После околу 15-20 минути, настрана изматете ги јајцата, па додадете го ајварот. Измешајте и оваа смеса додадете ја кон запржените зеленчуци.

2. Пропржете кратко и пренесете ја манџата во соодветен сад или директно макајте од тавата. Обично јадам од тава, но во корист на фотографијата ја префрлив манџата во земјен сад.

Комбинирајте со топло лепче и сирење, може и со кисело млеко.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови