Лазањи на мој начин (со палачинки)
Овој ручек е еден од омилените на моите дома, експресно брзо го снемува од масата и сите се презадоволни. Начинот на кој јас ги правам лазањите е малку поинаков, односно со палачинки, но сепак лазањите според мене се највкусни ако се подготват дома со богат болоњезе сос од мелено месо и бешамел сос и кога сето тоа ќе се запече, на вас ви останува само да седнете удобно на столчето и да уживате во вкусот.
Подготовка:
1. Најпрво ги подготвуваме палачинките според рецепт кој ни е омилен, јас ги подготвив во тава со дијаметар 24 според следниот рецепт https://moirecepti.mk/post/најмеките-палачинки-со-кисело-млеко-и
2. Пoдготовка на болоњезе сос - Во тава со загреано масло, на умерена температура, ги пропржуваме кромидот и морковот (ситно исецкани, а може и рендани). Потоа го додаваме меленото месо, пржиме и при крај зачинуваме по вкус. На крај го додаваме доматното пире, готвиме уште 5-10 минути со повремено промешување.
3. Подготовка на бешамел сос - Во касерола на умерена температура го загреваме путерот, па го додаваме брашното, пржиме со мешање 1-2 минути. Сега го додаваме постепено млекото и притоа мешаме постојано со рачна маталка, за да не ни се направат грутчиња. Додаваме сол по вкус, црн бибер и мускатно оревче. Овој сос го готвиме околу 10-на минути до посакуваната густина, и притоа цело време мешаме со рачна маталка. На крај го додаваме ренданиот кашкавал, промешуваме, да се растопи и тргаме настрана.
4. Редење на лазањата - Во намастено тавче (број 24) ставаме 2 палачинки, па ставаме 1/3 од болоњезе сосот, па 1/4 од бешамел сосот. Постапката е иста до крај, со таа разлика што завршуваме со последната 1/4 од бешамел сосот. Распоредуваме убаво и ја ставаме лазањата да се пече во загреана рерна на 200 степени - 10 минути. Сега одозгора го ставаме ренданиот кашкавал и враќаме во рерна да се допече лазањата.
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани