Се прашував како би било лазања со кори од обланди.
Ама бивало, се изненадив и сама.
Од идеја излезе рецепт кој ќе си го спремам и понатака.

Најпрвин исецкајте го зеленчкукот- морковите со лупалка за компири на тенки листови, тиквичката и празот на тенки резанки, шампињоните на тенки листови, а лукчете на не многу ситни кругчиња.

Во тава на оган ставете маслиново масло и додајте ги шампињоните и сецканото лукче.
Пржете додека испари водата која ја пуштаат печурките, па додајте ги тиквичката, морковот и празот.
Посолете и наросете малку црн бибер.
Додајте ја куркумата, лененото семе и сусамот.
Пржете додека зеленчукот подомекне (внимавајте да не го препржите).

Бешамел
Во касерола ставете го путерот да се растопи.
Потоа додајте го брашното.
Откако брашното ќе се подзапржи додајте го топлото млеко.
Посолете и наросете малку црн бибер.
Мешајте со жица додека се згусти сосот.

На дното од правоаголна тава ставете малку бешамел.
Одозгора ставете парче обланда.
Премачкајте со бешамел, ставете од пропржениот зеленчук и парчиња горгонзола.
Ставете друго парче обланда и пак премачкајте со бешамел.
Ставете од зеленчукот и парчиња горгонзола.
Повторете ја постапката додека ви се потроши зеленчукот.
Редењето завршете го со кора обланда премачкана со бешамел.

Печете на 200 степени, 20 минути.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани