Еве ја мојата компир манџа односно јавнија со ќофте, кај нас дома омилена.
Скоро секогаш во ќофтето ставам ориз, така што ќофтето се зголемува количински, а и вкусно е.

1. Содржината од Фант вреќичката се меша со 100 мл. млака вода, се остава да стои неколку минути, а потоа се става во меленото месо.

2. Кромидот се сечка ситно и се става во месото, па се додаваат презлата и измиениот ориз. Сето убаво се меша, се прават ќофтиња, се пржат и се вадат настрана.

3. Во тенџере се пржи исечканиот кромид, му се додаваат доматите (излупени и исечкани на ситни коцки), се пржи на тивко, се додава мешаниот сув зачин и малку црн пипер. Се додава црвениот пипер кој се пржи кратко за да не изгори и веднаш се додава млака вода одприлика до половина од тенџерето.

4. Штом течноста ќе почне да врие се додаваат испржените ќофтиња. Компирите се лупат, се сечкаат на коцки и се додаваат во манџата штом течноста пак ќе почне да врие. По потреба од око се дотура млака вода, и манџата се остава да се вари на тивко.

5. Штом ќе се сварат компирите и оризот во ќофтињата, јавнијата веќе е при крај и се прави белата запршка. Брашното се измешува убаво со малку ладна вода и се тура во манџата. Се остава уште малку време да вари за да се згусти течноста и да се развари брашното. Пред служење се додава сол по вкус и магдонос.

Тоа е мојот начин на подготовка на ова јадење, во кое некогаш додавам морков, пиперка, или малку грашок. А посебен вкус на оваа манџа и даваат ќофтињата зачинети секако со Фант мешавината.
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани