Мојата опсесија со портокал и чоколадо започна токму со овој рецепт пред три години, кога за првпат го пробав во Италија. Толку ми беше тешко што во Македонија ги немаше што бев принудена да научам како да ги правам сама. Кога сфатив колку е лесно почнав дури и да си играм со зачини што според мене го прават самиот рецепт уште поспектакуларен, ако нешто воопшто може да биде поспектакуларно од парче кандиран портокал со чоколадо.

Убаво измијте го портокалот.

Исечете го на тенки кругови (околу 0,5 цм дебелина).
Наполнете тенџере со ладна вода, ставете ги внатре исечканите портокали и чекајте водата да зоврие. Оставете го да врие 3 минути, извадете ги портокалите и повторете го процесот уште еднаш почнувајќи пак со тенџере ладна вода.

По второто зовривање на водата извадете ги портокалите и ставете ги во сад со ладна вода и неколку коцки мраз да го прекинете процесот на готвење на портокалите. (Белата корка од портокалот по второто вриење треба да ви биде проѕирна. Доколку не ви е повторете го процесот уште еднаш.)
Во тенџере на ставете 250 мл ладна вода и 250 гр шеќер. Ставете го тенџерето на рингла на средна топлина и почекајте да зоврие. Многу важно во овој чекор е да не ги мешате водата и шеќерот воопшто односно да не ги допирате водата и шеќерот со ништо (како лажица, шпатула и сл.) Тоа може да придонесе до кристализирање на шеќерот. Доколку во секој случај сакате ги промешате единствениот начин тоа да го направите е да го фатите тенџерето за двете(или едната рачка) и да правите мали кружни движења.

Кога шеќерниот сируп ќе почне да врие ставете ги внатре протокалите со тоа што важно е сирупот да ги покрива сите портокали. Доколку некое парче потокал Ви излегува надвор само ставете врз него некој огнеотпорен сад со цел и тој да биде потопен во сирупот. Намалете ја температурата на ниска и оставете ги така портокалите да вријат тивко во сирупот еден час.

По еден час извадете ги портокалите и оставете ги да се цедат на решетка за сушење (или на плех обложен со хартија за печење) 4 часа.
По 4 часа земете сад и во него ставете малку шеќер и валкајте го секое парче портокал во шеќерот.
На ваквите кандирани портокали потребно им е 24 часа на топло и суво место да се исушат. Доколку сакате да го забрзате процесот слободно ставете ги во рерна загреана на 180-200 степени 3-4 часа.

По долгото чекање земете го чоколадото грубо и исечкајте го. Ставете го во огноотпорен сад и растопете го на пареа (садот со чоколадо не треба да ја допира водата што врие).
На растопеното чоколадо додајте му малку чили и промешајте.

Земете го секое парче портокал и потопете го во чоколадото. Можете да ги правите цели чоколадни или до пола, изборот е ваш. Оставете го чоколадните кандирани портокали да се стврднат во фрижидер или на собна температура.

Совет
Се препорачува да користите квалитетно чоколадо, бидејќи игра важна улога во вкусот на Вашиот финален продукт.

Забелешка Рецептот можете да го направите и со млечно чоколадо (или било какво друго по Ваша желба) .
Забелешка
Чили е невообичаено во вакви комбинации, но користите многу малку само колку уште повеќе да го потенцирате вкусот на чоколадото и да добиете еден поинаков одличен вкус.(Чили и чоколадо е уште една одлична комбинација. Верувајте ми!) Меѓутоа доколку не сакате да го ставите, слободно изоставете го.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани