Зелник со праз (посно)
Најпрво си го подготвувам филот. Празот го чистиме и ситно го сечкаме. Го ставаме во тенџере на оган да се испржи со масло. Посолуваме со сол и бибер, а на крајот кога празот сосема ќе омекни и ќе светне маслото горе, тргаме од оган и додаваме една лажица црвен пипер. Го оставаме филот да се лади. Започнуваме со тестото.
Квасецот го рствораме со топла вода едно лажиче шеќер и малку брашно и го оставаме да стаса.
Замесуваме тесто од брашното, квасецот, маслото, сол и топла вода. Мене ми треба обично околу половина литар вода,
Месиме меко тесто и веднаш го делиме на два дела. Секој дел го рассукуваме во тенка кора, премачкуваме со омекнат маргарин, диплиме на пола, пак мачкаме, па пак на пола и мачкаме и така преклопуваме додека не добиеме мало парче. Го ставаме во најлонска кеса и го оставаме во замрзнувач дваесетина минути. Постапката ја повторуваме и со второто парче тесто.
Кога ќе помине времето го вадиме првото парче тесто и веднаш го рассукуваме во кора малку поголема од плехот во кој ќе печиме. При сукањето, посопуваме со густин. Плехот го мачкаме со маргарин, и ја постиламе рассуканата кора. Го истураме филот од праз. Ја сучиме втората кора од замрзнувач. Оваа ја сукаме потанка и поголема за да можеме да направиме повеќе набори. Ја ставаме кората врз плехот, ја набираме во ситни набори а краевите ги спојуваме во „витки“.
Маргаринот кој ни преостанал го ставаме во тенџерче со неколку капки масло да се стопи сосема и да зачврчори. Со врелата мрснотија го потураме зелникот, најмногу врз витките и подебелите набори. Посипуваме сусам и го ставаме веднаш да се пече, без киснење. Рерната ни е загреана на 180-200 степени. Печеме околу 30 до 40 минути.
За мрсна варијанта на зелникот, додадете јајце и сирење во филот. Може и мелено месо.
Совет, за побрзо да ви омекне маргаринот ако сте заборавиле да го извадите од фрижидер, извадете го од пакувањето и ставете го една минута во микробранова на 30 степени (дифроз)
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови