За следниот рецепт ви се потребни неколку едноставни состојки кои можеби и ги имате дома. Станува збор за брзи, вкусни и здрави колачиња, кои во основа може да се направат само од 2 основни состојки (банана и овесни снегулки). Меѓутоа јас се одлучив овојпат да ги збогатам со сецкани урми, ванила и цимет.

Подготовка

1. Урмите ситно ги сецкаме, па ги соединуваме во сад заедно со овесните снегулки, ванилата и циметот. Промешуваме убаво за да не се слепуваат една со друга урмите.
2. Во длабок сад ја пасираме бананата. Тука ја додаваме претходната соединета смеса и мешаме до хомогенизирање.
3. Од оваа смеса ги формираме колачињата во големина по желба, јас направив 10 колачиња од по 20 гр секое. Ги формираме прво како бомбици, ги редиме во плехот врз хартија за печење, па со помош на лажица ги сплескуваме.
4. Печеме во загреана рерна на 180 степени (15-20 минути). Нека оладат врз решетка, па послужуваме.

Забелешка - Кога ги правам овие колачиња само од 2 состојки (банана и овесни снегулки) практикувам да користам позрела банана, за да ја имаат потребната блажина. Во овој случај кога додавам урми (може и друго суво овошје по желба) не користам зрела банана.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани