Ова е пицата на моето детство. Не минуваше ниту еден викенд без неа. Едноставно и брзо се подготвува. Многу е вкусна. Мајка ми сеуште ја прави, па мора да признаам дека мене ми е послатка кога ја јадам кај неа.

Од оваа доза излегуваат два плеха пица. Тоа е за 6 - 8 души во зависност од тоа колку се гладни. Еве ја и постапката.

Тесто
Стасува квасецот во малку млака вода. Во брашното се додава солта. Се замесува тестото со млака вода по потреба за да се добие меко тесто. Се остава тестото малку да стаса. Се дели на два еднакви дела и секој се става во подмачкан плех со масло.

Фил
Секое тесто се премачкува со доматна салца. Потоа се додава ориганото. Се сецкаат печурките, маслинките и куленот на парченца и се ставаат врз пицата. Кромидот и пиперките се сецкаат на кругови и се ставаат врз останатите состојки. На крај се редат парчиња од кашкавал или рендан кашкавал.

Пицата се пече на температура од 180 до 200 степени. При крај се додава по две јајца на секоја пица и се допекува.

Јас искрено ја сакам без јајца, па затоа и на самата слика моето парче нема јајце.

Љубителите на моцарела може да го заменат кашкавалот со неа.

Убава во комбинација со кола или чаша црно вино.

Уживајте!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани