Деликатно Ѕ - рецепт од стариот тефтер на мајка ми
Домашно Џиџи бебе.
При разгледување на стариот тефтер на мајка ми го најдов овој рецепт. Вкусот не го паметев, но многу добро паметев во колку големи количини се приготвуваа овие колаченца кај нас дома. Грабаш колачиња, пикаш по џебови и шибаш надвор, да не ти пропадне фудбалот =))
Сите пријателки на мајка ми го знаеа овој рецепт како КОЛАЧИЊАТА НА ЈАГОДА, а и ден денес ми ги спомнуваат како КОЛАЧИЊАТА НА МАЈКА ТИ
Последниве две години се убив од барање рецепт за меки, ровки бисквити кои ќе можам да им ги топам на пилиштарциве со млеко. Индустриски нели, не доаѓаат во предвид. Бајт ми индустрија!
Готова бев да ги прашувам мастер шефовиве од МоиРецепти, но еве, пред очи ми бил рецептот, во срце, ама спомениве ми затаиле малку =))
Ептен ми се погоди и натпреваров за детски рецепти. Добро е што сум мрзлива и зафатена, па не стигнав да го прикачам рецептов пред една недела.
Овие едноставни колачиња се најблиску до оние турските со бебенце на сликата.
Од сите состојки се замесува тесто. Тестото е меко, масно, мазно и убаво за работа.
Јас бидејки имам статичен миксер, прво го ставив јајцето со шеќерот и ванилиниот шеќер убаво да се запени и измати. Го додадов густинот, маргаринот и ги сменив маталките со оние за тесто и го додавав брашното во неколку наврати.
Многу лесно ќе го замесите тестото и со рака, воопшто не е проблематично, ама јас немам време, па штедам на време на секој можен начин =))
Се сука кора со дебелина од половина сантиметар и се вадат форми со калапчиња или најобична чаша.
Јас ги правев со калапчињата секачи за колачи од Делимано и во калапчиња човечиња што ми ги подари другарка ми од Германија
Се редат во плех со хартија за печење или ако е Делимано ростерот не се става хартија.
Се редат на растојание од од прилика 1 см за да има место да нараснат.
Се печат на 200 степени 15-20 мин, зависно од рерната.
Јас обавезно направив дупла доза, па печев во тавчето од рерната и во Делимано ростерот. Ростерот како и секогаш не изневери и не залепи.
Ние бидејки ги сакаме покрцкави, сите колачиња ги печам подолго. Има некој шмек што го обожаваме сите по дома, а доаѓа од таа попеченкост кај колачите.
Инаку, ДЕЛИКАТНО ЕС е вистинското име на колачите бидејки по оргиналнито рецепт се прават на машина за мелење месо, со додаток за форми. Мислам дека добра замена може да биде електричниот шприц за колачиња на Делимано.
Се вади стапче со големина по желба и се витка во форма на буквата С т.е латичнично Ѕ.
Кај мајка ми во тефтерот пишува дека може и на тостер да се прават колачињава, ама не се сеќавам дека сме ги правеле на тостер.
Имавме со брат ми друг рецепт за тостерки кој што ќе го прикачам кога ќе можам -)
Лиценца: Сите права се задржани
No kolku sto pamtam, pravese prvo bombica, pa so race formirase molivce, pa go vitkase vo bukva s, pa go valkase vo belka i stavase po nekoe sitno seckano orevce odozgora.
tvoive ubavi izlegle
теофанија, и јас мислам дека дозата е премала. појма немам што мислела мајка ми кога ја пишувала ко за џуџиња, па во името на мегаломанството, пред една недела направив ЧЕТИРИ И ПОЛ ДОЗИ и еве денес има само уште 5-6 колаченца :) :) :) :)
Госпожа овие многу деликатни биле ,толку многу што за момент ја прекинав диетата :)) Е фала ти :P