Дански путер бисквити
Данските путер бисквите на „репертоар“ во нашиот дом се уште одамна, повеќе од 30 години. Не се поминуваше граница, а да не се влезе во Фришоп и да не се купи неколку лименки. Подоцна купивме и убав шприц за бисквити, па се дадовме во потрага по идеален рецепт, истовремено да се искористи шприцот, а вкусот да биде приближен на купечките. Во комбинација од рецептите кои беа напишани на кутијата и искуството во печењето на бисквитите, дојдовме до овој рецепт!
Состојките се соединуваат, јас најчесто брашното го мешам со солта и шеќерот, го додавам путерот и со рака го замесувам. Потоа малку ги матам јајцата и нив ги додавам на смесата. Вие ако сметате дека вашиот начин на соединување е подобар, соединете си ги по ваше. Смесата е мрсна, но е таман да се формираат убаво бисквитите и убаво да се одвојуваат од шприцот. Тавчињата од алуминиум не ги мачкам со ништо, но на големото емајлирано тавче ставив хартија за печење, за секој случај. Со шприц се формираат бисквитите и се печат на 200 степени Ц (220 степени Ц) околу 10 минути (зависно од рерната може и до 20 минути). Не треба да поцрнат, треба да останат бели, но ако ги пипнете одозгора треба да бидат стврднати. Јас на 2/3 од смесата додадов 2 големи лажици темно какао, а на половина од оваа смеса додадов на врвот на лажиче цимет. Јас ставив овошен шеќер, кој може да го користат и дијабетичари.
Многу години шприцот стоеше заборавен, но во едно редење пред некој месец го пронајдов и веднаш на децата им направив. Дозата беше „бришка“ за два дена!
Инаку бисквитите се ровки и меки, се топат во уста.
Нека ви е наздравје!
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови