Бидејки тестото е доста меко пожелно е да се меси во миксерот, доколку немате таков и одлучите на рака да го правите малку ќе вложите повеке труд и пак ќе го биде, а нема да е на одмет и со обичниот миксер така што на додатоците за бркање на тесто ќе им ги замените местата односно - додатокот што е за левата страна ставете на десната и обратно. Така тестото нема да ви се качува по додатокот и се во ред.
 
Јас овде ќе пишувам како се меси во миксерот.
- Растворете го квасецот во млекото во самиот сад за месење.
- Јајцата со вилушка разматете ги, во нив додадете ја ренданата кора од лимон. Сето ова додадете го во садот во кој ќе месите и измешајте. Додадете го брашното, солта и шеќерот. Вклучете го миксерот на кој веќе е поставен додатокот за месење тесто и тоа на најбавните обрти и нека се меси вака околу 3-4 мин. се додека сите состојки се спојат. Без исклучување на миксерот постепено додавајте од маслацот кој претходно сте го поделиле на неколку коцки. Нека продолжи да се меси, но сега ставете го миксерот на средната брзина и вака меси околу 5-6 мин. кое време е доволно да се соединат повторно тестото и маслацот. Ќе забележите дека на додатокот почнува да се лепи тестото. Тестото треба да е меко и лепливо.
Вака измесеното тесто сега слободно го извадете и преместете во друг сад за месење, покријте го, ставете во фрижидерот и нека одлежи преку ноќ.
Наутро кога ќе станете извадете го тестото од фрижидерот, поставете го на побрашнета работна површина, разделете го на два дела, едниот повторно вратете го во фрижидерот и кратко време на рака размесете го.
Велам да се врати во фрижидерот повторно бидејки со ладното тесто многу полесно се работи и не се лепи за рацете - само што ќе се загрее - се лепи.
- Вака изработеното тесто поделете го и оформете ги бриошите, ставете во формата за бироши, а кој си нема специјална форма за нив - тогаш како јас - во калапите за муфини, а дел од тестото ставав и во подметачите за слатки, па потоа во калапите. (Од љубопитност го правев тоа), а можете и така да ги наредите во тава послана со хартија за печење.
Кога се готови и оформени, премачкајте ги со разматена жолчка со малку вода или млеко и оставете ги да одстојат околу 30-40 мин. Кога веќе стасале повторно ги премачкувате со жолчка и сега ги посипувате со едар кристал шекер (тој едар шеќер не е како вообичаениот кој го имаме, туку е навистина едар и во форма на кристали и јас го немам) , бидејки нашиот кристал шеќер се топи при печењето секогаш посипувам со ванила шеќер кој е одлична замена, ги ставате да се печат во претходно загрејана рерна на 180 степени. Готови се кога ќе ја видите таа златно браонкаста боја.
Чекајте малку да се оладат, послужете со кафе или млеко, додадете веднаш до нив и некое чинивче убав џем... Но, тоа останува на вас.

Оформување на бриошите
- Земајте од тестото количински во големина на кајсија. Извалкајте го топчето така што на едниот крај ќе го издолжите (да заличи на крушка). На поголемиот дел од тестото со нож направете процеп, раширете го со прстите и низ него спротнете го издолжениот - потенкиот дел.
Напомена
- Кога го немав столниот миксер, сум ги работела и на рака и со обичниот миксер кога ја научив финтата како да не ми се качува тестото по додатоците.
- Ова тесто може да стои во фрижидер 3-4 дена, а може и да го замрзнета веднаш откако одлежало преку нок, завиткајте убаво во фолијата или добро запакувате во кеса и замрзнете го. После само на собна температура да се одмрзне и повторете ја горе напишаната постапка.
- Покрај кората од лимон, доколку ја имате есенцијата портокалова, капнете во тестото и некоја капка...
- Можете да ги полните бриошите со некој џем или мармалад

Се надевам дека бев јасна....

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани