Бобарник (посно)
Старо македонско јадење, со преубав вкус.
Потребно е да имате сварен грав, по можност само со пиперки, кромид, зејтин, затоа што гравот се прави и со други зеленчуци, кои би го смениле вкусот на овој рецепт.
Мерките ми се од око, но доколку имате сварено грав, одземете ги само зрната, ставете ги во земјана тава или во било каква тава за печење и одозгора посипете малку од црвената течност од варениот грав.
Најдобро е ова да го направите пред да биде готов гравот, за да не дојде до преварување.
1. Испржете ситно исечкан праз, по желба од 1 до 2 страка и ориз количински помалку од гравот, значи гравот да доминира. Варијанта да доминира оризот исто е прекрасна, нема да погрешите, преубаво е и така.
2. Откако ќе се испржат празот и оризот, додадете водичка, убаво да се издинста, а при крај додадете сушен зеленчук кој користите, црн бибер, една лажица црвен пипер и сол.
3. Сега ги помешувате во земјаната тава гравот и оризот со праз, додавате топла вода, малку зејтинче одозгора и повторно наросувате црн бибер. Се пече најмногу 20 минути до половина час, колку да се соединат, а кога се фаќа коричка одозгора, тавата е готова.
Посно и превкусно главно јадење, а може и ладно како салата. Секако може да си го комбинирате со што сакате...
Добар апетит !
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови