Брз и превкусен појадок ви предлагам за денес. Нема стасување на тестото, па затоа веднаш се работи со него и веднаш ги пржиме перничињата и топли ги послужуваме.

Подготовка

1. Во длабок сад за месење ги ставаме јајцето, јогуртот, шеќерот, ванилата, маслото, нишестето и на крај брашното (250 гр). Замесуваме тесто, кое е нелепливо и меко.
2. Сега го додаваме ренданото јаболко (кај мене со тежина околу 120 гр), се домесува тестото кое од јаболкото сега е малку лепливо, па затоа додаваме уште брашно, до замесување на меко, глатко нелепливо тесто (јас додадов уште 150гр).
3. На малку набрашнета работна маса расукуваме кора, сечеме форми по желба, кои ги пржиме во загреано масло на умерена температура, јас пржев во загреано масло на 4-ка, па намалив на 3-ка од вкупно 6. При пржењето прскаме со лажица врз перничињата за да се надуваат, па превртуваме од другата страна да се допржат.
4. Ги вадиме врз хартиена салфета. Одозгора посипуваме шеќер во прав и послужуваме додека се топли.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани