Овој рецепт нема да ви одземе многу време, а одличен е за подготовка кога ќе ви дојдат ненајавени гости. Се приготвува многу брзо и верувам дека додека да го испиете кафето ќе ги послужите гостите со брз вкусен десерт ( кој може да го направите и во солена верзија), значи две во едно и десерт и доручек. Ако сакате солени баклавки испржете го малку сецканиот кромид, додајте го месото и зачини по желба. Пржете десетина минути.

Најпрвин пресејте го брашното и заедно со потребните состојки за тестото замесете средно меко тесто. Поделете го на 4 еднакви дела. Од секој дел расукајте кора по можност правоаголна форма, дебелина околу 2 мм. Истата премачкајте ја со растопен маргарин насекаде подеднакво. Потоа засукајте ја како ролат внимавајки да ви биде по целата должина иста ширината кога ќе ја преклопувате. Преклопувајте ја кората на окулу 3-4 прста ширина.
Кората исечете ја на 7 до 8 еднакви квадратчиња и тргнете ги настрана. Секое квадратче посипете го со брашно и површинатана која сукате исто така. Расукајте мала коричка околу 2 до 3 мм дебелина, додајте фил по вкус, крем, мармалад или фил со месо. Преклопете како што се гледа на една од сликите, притиснете со прстите по краевите за да не излезе филот при пржењето. Пржете ги во врел зејтин додека да добијат златно жолта боја.
За да ги направите побрзо може да побарате помош од некој да ви помогне во пржењето за да бидат гостите експресно послужени. Кога се испржени тестото се дели на листови исто како лиснато тесто.

Напомена!
Внимавајте ако ставате мармалад како фил стрпете се, не ги јадете топли за да не се изгорите од врелиот мармалад. Јас малку се изгорев кога ги пробав првпат, затоа ве предупредувам. Почекајте да истинат подобро и дури тогаш навалете. За овој рецепт слушнав од една моја драга пријателка Ромка Менекше (нејзе рецептот и е од нејзина пријателка од Авганистан) и многу и благодарам и одовде. Првпат го пробав кај неа, многу ми се допадна, го направив два пати и во иднина ќе се прави често.
Ви го препорачувам и се надевам дека добро ќе се засладите или засолите,како сакате. Ви посакувам добар апетит.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани