Лубеница
Хранливи вредности на лубеницата:
Сакате да ја изгасите жедта и да му дадете поттик на телото со антиоксидансите ликопен и витамин А? Лубеницата содржи сè што Ви е потребно за да ја победите летната жега. Лубениците со прекрасен вкус кои ја гасат жедта се одличен извор на многу потребните електролити и вода, со кои лесно ќе ги победите летните тропски температури.
Ботанички, ова овошје спаѓа во фамилијата cucurbitaceae од родот citrullus и е во сродство со други растенија, како што се: диња, тиква и др., кои растат на лози кои ползат по земја. Се одгледува во многу тропски земји, каде што е една од најзначајните земјоделски култури.
Лубеницата има ботаничко име Citrullus lanatus.
Лубеницата потекнува од јужните африкански држави, а од таму се распространила низ многу тропски и суптропски региони во светот. Растението дава многу жолти цветови, кои треба да бидат поленизирани од пчели.
Овошјето има мазна, дебела кора со длабока зелена и жолтеникава боја, со зелени или сивкасти вертикални риги. Внатрешно, месото е сочно, розово, црвено или жолто, со бројни мали, црни семки во средната третина од месото.
Лубеницата има неутрален вкус и е блага како шеќерен сируп.
Различни сорти лубеница се одгледуваат низ целиот свет, кои значително варираат според големината, формата и бојата на месото (црвено, портокалово или жолто).
Здравствени придобивки од лубеницата:
- Лубеницата содржи многу вода и електролити и поради тоа е најмоќното оружје на природата во борбата со летната жега.
- Лубеницата има ниска калорична вредност (само 30 калории во 100 грама) и мал процент на масти, а е исклучително богат извор на бројни хранливи фито-материи и антиоксиданси кои се клучни за одржување на здравјето.
- Лубеницата е одличен извор на витамин А, кој е моќен природен антиоксиданс. Овој витамин е клучен за добриот вид и за правилното функционирање на имунолошкиот систем. Витаминот А е потребен за одржување на здравјето на слузокожата и кожата. Конзумирањето природно овошје богато со витамин А обезбедува одредена заштита од рак на белите дробови и усната празнина.
- Лубеницата исто така е богата со антиоксидантски флавоноиди, како што се: ликопен, бета-каротин, лутеин, зеаксантин и криптоксантин. Овие антиоксиданси заштитуваат од рак на дебелото црево, простата, градите, белите дробови, панкреасот и матката. Фито-хемикалиите присутни во лубеницата, како што ликопенот (4532 микрограма во 100 грама свежо овошје) и каротиноидите, имаат способност да ги заштитат клетките и другите структури во телото од оксигенските слободни радикали. Студиите исто така покажаа дека ликопенот ја заштитува кожата од оштетувања како последица на УВ зрачењето, а штити и од рак на простатата.
- Лубеницата е добар извор на калиум. Калиумот е важен дел од клеточните и телесните течности и помага во регулацијата на работата на срцето и крвниот притисок и на тој начин заштитува од мозочни удари и заболувања на срцевите артерии.
- Исто така, лубеницата содржи солидни количини витамин Б6 (пиридоксин), тиамин (витамин Б1), витамин Ц и манган. Конзумирањето храна богата со витамин Ц му помага на телото да развие отпорност кон инфективните агенси и да ги собере штетните оксигенски слободни радикали. Манганот се користи во телото како кофактор за антиоксидантскиот ензим супероксид дисмутас.
Избор и складирање:
Иако во тропските региони лубениците се одгледуваат во текот на целата година, најквалитетни се во летните месеци. Во продавниците, секогаш кога сте во можност одбирајте органски одгледувани лубеници, бидејќи имаат побогат вкус и повеќе хранливи материи.
Често е тешко да се проценат зрелоста и вкусот на лубеницата без да се погледне отсеченото парче. Барајте лубеници кои се тешки за својата големина, има релативно мазна кора и не ниту премногу сјајна, ниту пак има премногу тапа боја. Важно е да нема засекотини или нагмечувања на површината кои можат да настанат во текот на транспортот.
Штом ќе стигнете дома, ставете ја лубеницата во студено и добро проветрено место. Сепак, пресечените парчиња треба да се чуваат во фрижидер.
Употреба во кујната:
Измијте ја цела лубеница со студена вода од чешма. Исто така, може да се исчисти и со влажна крпа, за да се отстранат сите остатоци од прав или пестициди.
Во зависност од големината која ја сакате, месото може да се сече на кришки, коцки или да се прават топки со лажица за сладолед.
Совети за приготвување:
- Свежата лубеница треба да се јаде таква каква што е, без какви било додатоци, за да се искуси прекрасниот, природен вкус.
- Коцките или парчињата лубеница се одличен додаток за секоја овошна салата. Можете да ја комбинирате и со сладолед.
- Од лубеница можете да приготвите повеќе вкусни рецепти, како на пример: џем, овошни коктели и сок.
- Во некои азиски земји, семките од лубеница се печат и се јадат како грицки.
- Кората од лубеница се користи како зеленчук во некои земји во Јужна Америка.