Коријандер
Хранливи вредности на коријандер:
Коријандерот содржи голем број растителни хемиски соединенија за кои е познато дека имаат превентивни и лековити својства. Оваа кулинарска билка е многу слична на копар, во таа смисла што и лисјата и семето може да се користат како зачин.
Ботанички, билката припаѓа на фамилијата apiaceae, од родот Coriandrum. Научното име на коријандер е Coriandrum sativum.
Коријандерот потекнува од медитеранскиот регион и Мала Азија (Турција). Ова повеќегодишно растение бара добро дренажирана почва во склад со топла летна клима за да успее. Расте од 30 до 60 сантиметри во височина и има темно зелени, меки листови без влакненца, со различна форма, широко заоблени на основата од растението, а тенки и разгранети погоре, на цветните стебленца. Лисјата и стеблото имаат малку киселкаст вкус.
Коријандерот дава цветови во форма на чадор со бела или светло розова боја, во средината на летото, а потоа заоблено-овални ароматични семки.
Семето од коријандер кое се користи како зачин, е заоблено до овално, жолтеникаво-кафеаво, со вертикални набори, специфична арома и благ и киселкаст, но и малку лутеникав вкус.
Здравствени придобивки од коријандер:
- Растението коријандер не содржи холестерол, но е богато со антиоксиданси и растителни влакна кои помагаат во намалувањето на лошиот ЛДЛ холестерол во крвта и зголемувањето на добриот ХДЛ холестерол.
- Листовите и семето содржат голем број есенцијални масла, како што се: борнеол, линалул, цинеол, цимен, терпинеол, дипентен, феландрен, пинен и терпинолен.
- Лисјата и врвовите од стебленцата исто така се богати со бројни антиоксидантски полифенолни флавоноиди, како што се: кверцетин, камферол, рамнетин и епигенин.
- Ова растение е добар извор на минерали, како што се: калиум, калциум, манган, железо и магнезиум. Калиумот е важен дел од клеточните и телесните течности и помага во регулацијата на работата на срцето и крвниот притисок. Железото е клучно за создавањето на црвените крвни зрнца. Манганот се користи во организмот како кофактор за антиоксидантскиот ензим супероксид дисмутас.
- Исто така е богат со голем број витамини и минерали, вклучително и: фолна киселина, рибофлавин, ниацин, витамин А, бета-каротин и витамин Ц; кои се клучни за доброто здравје. Витаминот Ц е моќен природен антиоксиданс. Коријандерот обезбедува 30 проценти од препорачаната дневна доза од витамин Ц.
- Обезбедува 6.748 интернационални единици витамин А на 100 грама, т.е. околу 225 проценти од препорачаната дневна доза. Витаминот А е важен витамин и антиоксиданс кој се раствара во масти и кој е неопходен за одржување на здравјето на слузокожата и кожата и е клучен за добриот вид. Конзумирањето храна природно богата со витамин А и флавоноиди (каротини) му помага на организмот во заштитата од рак на белите дробови и усната празнина.
- Коријандерот е еден од најбогатите растителни извори на витамин К, обезбедува околу 258 проценти од препорачаната дневна доза. Витаминот К има потенцијална улога во создавањето на коскена маса, преку поттикнување на остеотропната активност во коските. Исто така има докажана улога во третманот на пациенти кои страдаат од Алцхајмерова болест, преку ограничување на оштетувањето на невроните во мозокот.
- Маслото од семе од коријандер се користи во гоелм број третмани во традиционалната медицина, како: аналгетик, афродизијак, антиспазматик, дезодоранс, дигестив, карминатив, фунгицидал, липолитик (за намалување на телесната тежина), стимуланс и средство за смирување на стомачните тегоби.
Само замислете си! Коријандерот има само 39 калории во 100 грама, а профилот на хранливите фито-материи не е ништо помалку импресивен од оној на високо калоричните видови храна, без разлика дали тоа се јаткасти плодови, мешункасти растенија, житарки или месо.
Ова едноставно растение што расте во градините обезбедува (во проценти од препорачаната дневна доза, на 100 грама):
15% фолати,
11% витамин Б6 (пиридоксин),
45% витамин Ц,
225% витаминА
258% витамин К,
22% железо и
18% манган.
Избор и складирање:
Свежите листови од коријандер, како и семето, се достапни во продавниците во текот на целата година. Кога сте во можност, купувајте свежи листови, а не сушени, бидејќи тие имаат подобар квалитет и се побогати со витамини, минерали и антионсиданси, како што се: бета-каротин, витамин Ц и фолати. Билката треба да има листови со сјајна зелена боја и цврсти стебла. На нив не треба да има знаци на скапување или пожолтување.
Кога сте во можност, купувајте коријандер кој е органски одгледуван, бидејќи така ќе бидете сигурни дека на него нема остатоци од пестициди.
Штом ќе стигнете дома, измијте го со чиста вода, отсечете ги корењата, како и исушените или оштетени листови. Свежиот коријандер треба да се чува во фрижидер, во најлонска ќеса што се затвара или пак завиткан во малку навлажнета хартиена крпа. Користете го колку што можете побргу, бидејќи со текот на времето ги губи вкусот и хранливите материи. Семето од коријандер, како и маслото се достапни во речиси сите продавници. Семето се користи како зачин.
Медицинска употреба:
- Листовите од коријандер имаат антисептички и карминативни својства.
- Билката содржи голем број фито-хемиски соединенија, фенолни флавоноидни антиоксиданси, како што се: кверцетинот и есенцијалните масла, кои имаат своја примена во традиционалната медицина, како: аналгетици, афродизијак, антиспазматици, карминативи, дезодоранси, дигестиви, фунгоциди, стимуланси, липолитици итн.
Употреба во кујната:
Свежите листови треба темелно да се измијат со вода, за да се отстранат евентуалните остатоци од нечистотија и пестициди. При готвење, обично се додаваат пред крајот на подготовката на некој рецепт, за да се зачуваат полните вкус и арома.
Совети за приготвување:
- Листовите од коријандер се користат за приготвување на голем број популарни рецепти во Азија и Источна Европа, уште од најстари времиња. Заедно со другите зачини, се користи за засилување на вкусот на зеленчукот, пилешкото месо, рибата и јадењата со печено месо.
- Билката исто така се користи и за приготвување супи и сосови. Популарното медитеранско песто со коријандер, покрај оваа состојка содржи уште и црвен пипер, лук, маслиново масло, семки од тиква и малку лимонов сок. Тоа е одличен сос за тестенини, добар додаток во сендвичи, а се користи и за маринирање риба, пилешко итн.
- Исечканите и запржени листови од коријандер се одличен додаток за секоја зелена салата.
- Семето од коријандер во прав е една од главните состојки на кари во прав.