Киви
Хранливи вредности на киви:
Киви (или кинеско диво грозје) е едно од највкусните овошја полно со фито-хемикалии, витамини и минерали корисни за здравјето. Ова насекаде познато, прекрасно и уникатно овошје, потекнува од кинеската провинција Шанжи. Исто така, ова егзотично овошје е признаено како национален симбол на Кина.
Растението киви е суптропска, листопадна лоза, која припаѓа на фамилијата actinidiaceae; од родот аctinidia. Научното име на киви е actinidia chinensis.
Патешествието на ова овошје од Кина до Океанија, а од таму и до остатокот од светот е мошне интересно! На почетокот на дваесеттите години од минатиот век, семките од киви биле пренесени во Нов Зеланд од мисионери. Таму овошјето било натурализирано. Од Нов Зеланд било распространето низ целиот свет и сега се одгледува на многу места во Европа, а во Северна Америка најмногу плантажи има во Калифорнија.
Во текот на секоја сезона, која трае од семптември до ноември, лозата киви раѓа бројни овални, влакнести плодови со кафеава боја.
Секој плод има големина колку поголемо јајце од кокошка и тежи до 125 грама. Внатрешно, месото е меко, сочно, со смарагдна боја и редови од ситни црни семки кои се јадат. Текстурата на овошјето е слична како кај јагодите, а вкусот потсетува на мешавина од јагоди, јаболко и ананас.
Постојат неколку сорти кои се одгледуваат одделно од обичното киви. „Тврдо киви“ (A.arguta) исто така познато и како бебешко киви е многу помала сорта отколку „Влакнестото киви“ (A. deliciosa). Има големина колку поголемо грозје, со мазна лушпа која се јаде. Внатрешно, „тврдото киво“ наликува на „влакнестото киви“ според бојата и текстурата, но вообичаено има поинтензивен вкус и е поблаго. „Златното киви“ е развиено преку земјоделската техника на хибридизација, во истражувачкиот центар во Нов Зеланд. Оваа сорта има мазна, помалку влакнеста лушпа со бронзена боја и е зашилена од едната страна. Има карактеристично месо со златно жолта боја, со помала киселост и поспецифичен тропски вкус од зеленото киви. Оваа сорта има поголема комерцијална вредност од зеленото киви.
Здравствени придобивки од киви:
- Кивито е многу богат извор на растворливи растителни влакна (3,8 грама во 100 грама овошје или 10 проценти од дневно препорачаната доза), што значи дека е одличен физички лаксатив. Растителните влакна помагаат во заштитата на слузокожата во дебелото црево, преку намалување на времето на изложеност на токсични материи, но и преку врзувањето со канцерогените хемикалии во дебелото црево.
- Овошјето е одличен извор на антиоксидансот, витамин Ц. Обезбедува околу 154 проценти од дневно препорачаната доза. Конзумирањето храна богата со витамин Ц му помага на телото да развие отпорност кон инфективните агенси и да ги собере штетните слободни радикали.
- Кивито содржи добра количина витамин А, витамин Е и витамин К, како и флавоноидни антиоксиданси, како што се: бета-каротин, лутеин и ксантин. Витамин К има потенцијална улога во зголемвуањето на коскената маса, преку поттикнување на остеотропска активност во коските. Исто така има и потврдена улога во третманот на пациенти со Алцхајмерова болест, затоа што го ограничува оштетувањето на невроните во мозокот.
- Научните истражувања покажаа дека одредени супстанци во кивито функционираат како антикоагуланти, слично како аспиринот, со што спречуваат формирање тромбови во крвните садови и на тој начин штитат од мозочен удар и инфаркт.
- Семките од киви се одличен извор на омега-3 масни киселини. Научните истражувања покажаа дека конзумирањето храна богата со омега-3 масни киселини може да го намали ризикот од заболување на срцевите артерии, мозочен удар, но и помага во спречувањето на развојот на синдромот на дефицит на вниманието и хиперактивност, аутизам и други развојни разлики кај децата.
- Свежото киви е многу богат извор на електролитот важен за здравјето на срцето, калиум. Калиумот е важен дел од клеточните и телесните течности и помага во регулацијата на работата на срцето и крвниот притисок, преку поништување на негативните ефекти од натриумот.
- Исто така, кивито содржи и солидни количини од минералите, како што се: манган, железо и магнезиум. Манганот се користи во телото како кофактор за моќниот антиоксидантски ензим супероксид дисмутас. Магнезиумот е важен минерал за зајакнување на коските, исто како калциумот.
Избор и складирање:
Сезоната на киви трае од септември до ноември. Иако се достапни во текот на целата година, најквалитетни се во периодот помеѓу август и декември. Зрелите плодови внимателно се берат од лозата, а незрелите се тврди, жилави и многу наликуваат на овошјето саподила.
Ставете ги кивите во најлонска ќеса од 4 до 6 дена за да узреат. Чувањето во хартиена ќеса, заедно со јаболко, банана или круша значително ќе го забрза процесот на зреење.
Во продавниците, бирајте ги кивите со неоштетена лушпа, без пропаднати делови или засекотини. Зрелите киви попуштаат под нежен притисок од палецот. Штом ќе узреат, траат многу кратко, доколку се чуваат на собна температура. Затоа, чувајте ги во фрижидер.
Употреба во кујната:
Свежите, вкусни и сочни киви можат да се јадат сами. Измијте ги со ладна вода од чешма и нежно излупете ја лушпата со нож. Штом ќе ги пресечете, парчињата веднаш треба да се изедат, затоа што ако ги оставите предолго во контакт со воздухот, тие ќе станат тегави.
Совети за приготвување:
- Кивите се многу вкусни и затоа можат да се јадат такви какви што се, без какви било додатоци. Уживајте во уникатниот вкус.
- Сервирајте исечкани киви и јагоди со јогурт, затоа што вкусовите природно им се надополнуваат.
- Измешајте парчиња киви и ананас за да приготвите сос, додадете го за да ги маринирате пилешките гради и зовријте ги. Активната состојка, актинидин која е пристуна во кивито помага во омекнувањето на месото.
- Ова овошје исто така се користи и за приготвување на популарниот новозеландски десерт, Павлоа.
- Исто така се користи за приготвување колачиња, пити, сок и мармалади.